• вторник, 14 април 2026

Во Неготино реализирана информативна сесија „Фер ангажман“, за Законот за работно ангажирање на лица

Во Неготино реализирана информативна сесија „Фер ангажман“, за Законот за работно ангажирање на лица

Неготино, 25 март 2026 (МИА) - Информативна сесија „Фер ангажман“ за Законот за работно ангажирање на лица, беше реализирана денеска во салата на Советот на Општина Неготино. На настанот беше кажано дека сесијата е посветена на практичната примена на Законот за работно ангажирање на лица.

Настанот беше дел од националната кампања „Фер ангажман“, што се спроведува во рамки на проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници во Република Северна Македонија“, со поддршка од Сојузна Република Германија, а во имплементација на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.

- Сесијата предизвика значителен интерес кај работодавачите и граѓаните, особено од секторите земјоделство, туризам, угостителство и услуги во домаќинството, кои имаа можност од прва рака да се запознаат со придобивките од новото законско решение. Законот воспоставува јасни и фер правила за сезонска и повремена работа, овозможува пријавен работен ангажман, обезбедува пензиски стаж и осигурување при повреда, како и зачувување на постојните социјални права на ангажираните лица, соопштија организаторите на настанот.

Дополнително, беше истакнато дека граѓаните сега имаат можност легално и без ризик да остваруваат дополнителен приход, без да ги изгубат правата како пензија, стипендија или социјална заштита.

- Новиот систем овозможува едноставна електронска пријава и одјава на ангажманот преку платформата „е-Работа“ на Агенцијата за вработување со што значително се олеснуваат административните процедури за работодавачите, беа информирани присутните.

Свое обраќање имаа Александра Караевска-Димовска, советник во Германското друштво за меѓународна соработка и Кристијан Трајковски, проектен координатор во Центарот за истражување и креирање политики.

Во рамки на сесијата беа презентирани клучните аспекти на Законот, правата и обврските на работниците и работодавачите, како и функционалностите на електронскиот систем за пријава и одјава.

- Кампањата „Фер ангажман“ има за цел да воспостави поефикасен, законски и фер систем за ангажирање на сезонски и повремени работници. Овој пристап обезбедува сигурност за ангажираните лица и ефикасност за работодавачите и претставува важен чекор во намалувањето на неформалната економија, информираа организаторите на настанот.

Патем соопштија дека по одржаните сесии во Тетово, Прилеп и Неготино, кампањата продолжува во Куманово на 2 април, а во наредниот период ќе опфати и други поголеми општини низ државата. свд/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан