Отворена изложбата „Порцеланови луѓе“ во Велес
- Во Ликовниот салон на Народниот музеј во Велес отворена е изложбата „Порцеланови луѓе“ на која се поставени повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи, фотографии и мноштво интервјуа со уметниците дизајнери, авторите се обидуваат да рехабилитираат мал дел од огромната производствена продукција на фабриката „Југопорцелан“ од Титов Велес, потоа преименувана во „Порцеланка“.
Велес, 11 ноември 2025 (МИА) - Во Ликовниот салон на Народниот музеј во Велес отворена е изложбата „Порцеланови луѓе“ на која се поставени повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи, фотографии и мноштво интервјуа со уметниците дизајнери, авторите се обидуваат да рехабилитираат мал дел од огромната производствена продукција на фабриката „Југопорцелан“ од Титов Велес, потоа преименувана во „Порцеланка“.

Авторите на изложбата иницираат до надлежните да им помогнат во Велес да се направи Музеј - куќа на порцеланот и се надеваат дека наскоро нивната идеја ќе се реализира. Со тоа и Велес во кој работеше Фабриката за порцелан „Порцеланка“ и чии производи се извезени насекаде во светот заслужено да добие музеј на порцеланот во Македонија, по примерот на светските музеи на порцеланот каде имало развиено индустрија за порцелан.
Извозот на велешка „Порцеланка“ бил во Куба, Пакистан, Советскиот Сојуз, Етиопија, Нигерија, Гана, Гвенија, но и во Велика Британија, Германија, Италија, Полска Либија, Турција, Грција Либан, Сирија, Белгија во поранешна Југославија, како и во Унгарија, Мароко, Јордан, Ирак, Австрија, Хонг Конг, Парагвај и уште многу земји во светот.
На изложбата се претставени биографиите на дизајнерите уметници - Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и други кои во периодот од 1955 до крајот на 1990-тите години биле дел од декорното односно покасно од 1971 година дизајнерско одделение на фабриката. Некои од дизајнерите како Сузана Зафировска и Тодор Јорданов беа присутни на отворањето на изложбата.

Инаку во 1957 година во посетата на тогашен Титов Велес бил и Јосип Броз Тито кој ја посетил и фабриката „Југопорцелан“ и разговарал со раководството и вработените, а на подарок добил уникатен сервис за кафе и вазна.
На изложбата е претставен и месечниот весник „Керамичар“ кој почнал да излегува од печат од јануари 1964 година, а чиј уредник бил новинарот Љубомир Ѓорѓиев.
Изложбата е резултат од истоимениот истражувачки проект спроведен од авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева Тодоровска, соработник Ангел Коруновски. Автор на фотографии е Александра Костадиновска.
Како што појасни пред присутните на изложбата, Јасмина Дамјановска раководител на Државниот архив Одделение во Велес, во изминатите скоро две години колку што работеле на проектот било многу тешко таа историја и меморија да се обнови меѓу вработените. Наишле на многу затворени врати, но и на многу велешани кои работеле во „Порцеланка“ кои ги отвориле своите души, споделувајќи ја и радоста и тагата за фабриката.
- Верувам дека и денес ќе ги разбудиме немирните духови, ќе ги оживееме халите, звукот на машините,гласот на вработените, радостите, но и страдањата. Се надеваме дека оваа изложба ќе биде поттик за велешани и сегашната организациона поставеност на градот и градоначалникот Колев, да не дозволиме фабриката да пропадне меѓу луѓето. Заслужува да остане препознатлива и наш заштитен знак. Молба до нив да помогнат да ја направием поставката Музеј-куќа на порцеланот, порача Дамјановска.

Таа најави понатамошно надополнување на збирката, како и да ја види пошироката јавност, а посебно помладите. Затоа ги повика училиштата да ги донесат учениците да се запознаат со „Порцеланка“. Воедно ги повика сите велешани кои работеле во „Порцеланка“ во Книгата за впечатоци да остават свои контакти за да потоа споделат свои мемории за фабриката.
Како што појасни една од авторките на изложбата Јасминка Намичева, отсуството на потпис, на авторско име и поединечна биографија во архивите на индустрискиот дизајн не е само документарна празнина, туку симптом на една поширока културна состојба – на „невидливоста“ што ги следела дизајнерите во индустрискиот систем на социјалистичката епоха, особено во раните педесетти и шеесетти години кога идеологијата на индустрискиот труд ја славела колективната продукција.
- Идеологијата на индустрискиот труд, која ја афирмираше колективната продукција, зад себе остави скромна документација, а токму тој недостиг денес ја нагласува вредноста на секој пронајден предмет и секое зачувано сведоштво.Тоа ја оправдува уште повеќе идејата на авторите на проектот за истражувања врз основа на кои е создадена релевантна колекција на дизајнерски порцелански предмети од продукцијата на „Југопорцелан“, потенцира Намичева.

Додава дека постоењето на „луѓе кои паметат“ им овозможило да ја реализираат целта – да се погрижат да го зачуваат името и меморијата за фабриката и луѓето.
- Луѓето кои го оставија забележано своето име меѓу страниците на нејзината историја, кои некогаш функционираа, мечтаеjа, се радуваа, тагуваа, да ги направиме бесмртни, да не паднат во заборав. Патот на континуираното пронаоѓање, зачувување и заштитување на меморијата не е лесен, но најважно од сè е да се сеќаваме за да не заборавме. Без сеќавање не постои целосна човечка личност, потенцира Намичева.
Проектот е во организација на Здружението за архитектура, дизајн и култура - Архифакт-Скопје во соработка со ЛУ Народен музеј Велес и Државен Архив-подрачна единица Велес. Проектот е подржан од Министерството за култура и туризам и со поддршка од Дејан Атанасовски, директорот на Комерцијална банка, филијала Велес, а кои помогнале за поддршката и разбирањето кон значењето на културното наследство како темел на општествената меморија. ад/дма/
Фото: МИА