• недела, 22 декември 2024

Основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, се повлекува од извршната функција

Основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, се повлекува од извршната функција

Женева, 22 мај 2024 (МИА) - Светскиот економски форум денеска потврди дека основачот на организацијата Клаус Шваб се повлекува од извршната функција по повеќе од 50 години.

Форумот не откри кој ќе го наследи Шваб и ќе стане заштитно лице на нејзиниот елитен годишен состанок во Давос, Швајцарија, пренесува Си-Ен-Би-Си.

Потврдено е дека во јануари 2025 година, Шваб ќе ја преземе функцијата претседател на одборот на директори на Светскиот економски форум. Се додава дека овој одбор ќе биде организиран околу четири стратешки одбори „со цел дополнително да се зајакне влијанието на работата на организацијата“.

Германскиот инженер и економист Шваб, кој наполни 86 години во март, го основаше Светскиот економски форум во 1971 година и оттогаш е и негов извршен претседател.

Форумот првично беше замислен како место каде што европските бизнис лидери и владини претставници ќе се соберат за да разговараат за зајакнување на европската конкурентност со САД.

Со текот на годините, годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос стана настан на кој глобалната политичка и деловна елита присуствува за да разговара за најважните прашања на денешницата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан