• недела, 22 декември 2024

Османи – Гарибашвили: Претседателството со ОБСЕ активно се ангажира за поддршка на луѓето од конфликтните региони

Османи – Гарибашвили: Претседателството со ОБСЕ активно се ангажира за поддршка на луѓето од конфликтните региони

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Претседателството со ОБСЕ континуирано и активно се ангажира со раселените, жените и младите погодени од конфликтите, како и со лицата кои живеат во изолираните и загрозените областите. Нивните размислувања и грижи се многу важни, истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи на денешната средба со премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили.

- Во тој контекст е и пораката на нашето Претседателство „За луѓето се работи“. Го охрабрувам активното учество на Тбилиси и постојаниот прагматизам со цел да се унапредат клучните прашања и да се искористат сите можности за дијалог со крајна цел подобрување на состојбата на сите луѓе погодени од конфликти, рекол Османи на средбата со Гарибашвили, соопштија денеска од МНР.

Османи повторно ја истакнал својата поддршка за решавање на овие прашања преку клучните дипломатски канали за дијалог, осврнувајќи се на Mеѓународните дијалози во Женева и Механизмот за спречување и одговор на инциденти.

Покрај тоа, нагласил министерот Османи, ОБСЕ активно е вклучена и во претставување на нови мерки за градење доверба и иницијативи за дијалог, особено поврзани со младите и воспоставување на блиски односи со сите засегнати страни. 

- Сакам да ја истакнам соработката и со министерката за помирување и граѓанска еднаквост, Теа Ахвледиани, со која остварив средба на која исто така разговаравме за унапредување на процесите за мирно и одржливо решавање на конфликтите. Мора да продолжиме по патот кој води до мир, посочил Османи.

Покрај со премиерот и со министерката за помирување и граѓанска еднаквост, Османи се сретнал и со претседателот на Парламентот на Грузија, Шалва Папуашвили, со кого разговарале за важноста од постоење на политички плурализам за решавање на горливите прашања.

Со ова, Претседавачот со ОБСЕ ја завршил агендата во Грузија од каде посетата на Јужен Кавказ ќе ја продолжи во Баку, Азерјбеџан каде што исто така ќе оствари средби со државниот врв. цр/са/

Фото: МНР

 

Остани поврзан