Османи по примањето на извештајот на ЕК: Косово бележи прогрес во некои области и има предизвици во други
- Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи денеска го прими амбасадорот на Европската унија во земјата, Аиво Орав, кој ѝ го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 5 ноември 2024 (МИА) – Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи денеска го прими амбасадорот на Европската унија во земјата, Аиво Орав, кој ѝ го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението од прес-службата на косовското Претседателство се вели дека Османи оценила оти „овогодишниот извештај позитивно го оценува напредокот на Косово во некои области и ги идентификува предизвиците во некои други области“.
„... Претседателката Османи во оваа прилика истакна дека Република Косово останува цврсто посветена на евроинтеграциите. Во овој дух, претседателката Османи порача дека проширувањето на ЕУ ќе придонесе не само за просперитетот и одржливиот развој на Косово, туку и за долгорочниот мир и безбедност во регионот и пошироко“, се вели во соопштението.
Османи изјавила дека Косово продолжува да ги спроведува потребните реформи и е целосно усогласено со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
„На средбата се разговараше и за наодите од извештајот, кои ја нагласуваат потребата да се решат недоследностите во одредени области. Претседателката истакна дека овие наоди треба да се третираат како приоритет, со цел континуирано унапредување на демократијата и владеењето на правото“, соопшти кабинетот на Османи. иа/ссм/