• четврток, 26 декември 2024

Авионот на „Азербејџан ерлајнс“ е погоден од руска ракета земја-воздух

Авионот на „Азербејџан ерлајнс“ е погоден од руска ракета земја-воздух

Баку, 26 декември 2024 (МИА) – Неименувани претставници на Владата на Азербејџан денеска за „Еуроњуз“ (Euronews) изјавија дека патничкиот авион на „Азербејџан ерлајнс“, што вчера се урна во близина на казахстанскиот град Актау, бил погоден од руска ракета земја-воздух.

Руската ракета била истрелана поради дроновите над главниот град на Чеченија, Грозни, а шрапнели ги погодиле патниците и екипажот откако експлодирале покрај авионот.

Исто така тие тврдат дека на оштетениот авион не му било дозволено да слета на ниту еден руски аеродром иако пилотите побарале итно слетување. Пилотите добиле наредба да го прелетаат Касписко Море и да слетаат во Актау.

Податоците од ГПС навигациските системи на авионот биле попречувани во на целиот лет над Касписко Море.

Руски извори наведуваат дека руските сили за противвоздушна одбрана активно се обидувале да соборат украински беспилотни летала во моментот кога авионот на „Азербејџан ерлајнс“ минувал над територијата на Чеченија.

Ако се потврди дека авионот на „Азербејџан ерлајнс“ бил погоден од руска ракета, тоа би бил втор инцидент во изминатата деценија. На 17 јули 2014 година авион на „Малезија ерлајнс“, кој од Амстердам летал за Куала Лумпур над источна Украина беше погоден од ракета истрелана од проруските бунтовници. Сите 298 патници и членови на екипажот загинаа, а најголем број од жртвите беа од Холандија.

При уривањето на авионот на „Азербејџан ерлајнс“ загинаа 37 луѓе, а 29 преживеаја. Помеѓу жртвите има и руски, како и државјани од соседните земји.

Претходно, директорот на украинскиот Центар за борба против дезинформациите, Андриј Коваленко на Телеграм објави дека патничкиот авион бил погоден од руска противвоздушна одбрана.

Тој упати критика кон Русија поради тоа што не го затворила воздушниот простор над главниот град на руската република Чеченија, Грозни, што можело да ја спречи трагедијата.

- Авионот беше оштетен од Русите и беше насочен кон Казахстан наместо итно да слета во Грозни и на тој начин да спаси животи, додаде Коваленко. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан