• сабота, 27 јули 2024

Османи: Понеделник ќе биде денот Д", очекувам консензус за новиот претседавач со ОБСЕ

Османи: Понеделник ќе биде денот Д

Скопје, 25 ноември 2023 (МИА) - Понеделник ќе биде денот Д". Очекувам да постигнеме консензус за новиот претседавач со ОБСЕ, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со новинарите по повод претстојниот Министерски совет во Скопје.

Како што информира Османи, се прават максимални напори за постигнување договор. Побарана била и алтернатива - поддршка од Малта да се понуди како кандидат. Земјата ја оставила отворена оваа можност, доколку има консензус.

-Не смее националните интереси да доминираат врз колективниот интерес. Се надеваме дека во понеделник ќе успееме, дека ќе постигнеме историски успех да обезбедиме претседавач на ОБСЕ. На тоа ни е засега ставен целиот фокус. Организацијата не смее да остане без претседавач. Ако нема одлука до понеделник, мора да покажеме одговорност, истакна Османи.

Според него, доколку не се обезбеди консензус, ОБСЕ ќе влезе во целосно недефинирани прашања, нешто со кое организацијата досега никогаш не се соочила.

-Навистина направивме се што е во наша можност да обезбедиме консензус за Естонија. Сметавме дека е важна Естонија да биде новиот претседавач, бидејќи беше единствена кандидатура од 2020 година. И жал ми е што Руската федерација и Белорусија ставија вето на оваа кандидатура што не е добра пракса, бидејќи ако почнеме со такви индивидуални преференци, тогаш секој може да има забелешка кон секого. Од 57 земји членки секој може да се замери со некого. Меѓутоа, ние мора да ја гледаме големата слика. Придонесот на ОБСЕ за целиот регион на ОБСЕ, а не на индивидуалните национални интереси. Убавината на ОБСЕ беше токму во тоа што земјите уште 75-тата година во време на блоковската студена војна помеѓу НАТО и Варшавскиот пакт успеаја да се издигнат над националните интереси, да кажат „ако сакаме мир во овој регион, ни треба една платформа каде што ќе се издигнеме над националните интереси“. За жал, Руската Федерација со овој потег врати една нова динамика во која националните интереси доминираат пред колективниот интерес за безбедност во регионот. И затоа ни беше важно да не воведеме ваков принцип, бидејќи секој кон секого може да има одредена забелешка, потенцира Османи. 

Тој информира дека на 28 ноември се очекува да почне пристигнувањето на учесниците на  Министерскиот совет, а за 29 ноември е предвидена нефорамалната вечера со најголемиот број министри.

На вечерата шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ очекува да бидат изнесени ставовите на државите во однос на иднината на ОБСЕ, но тема како што рече, ќе биде и агресијата во Украина.

На  Министерскиот совет е предвидено одржување и на повеќе други, т.н. странични настани, за кои се планирани неколку теми: Украина, климатски промени, млади и цивилно општество.... мч/дма/

Фото/видео:МИА

Остани поврзан