• недела, 22 декември 2024

Османи: ОБСЕ има витална улога во градењето капацитети за справување со предизвиците во сајбер безбедноста

Османи: ОБСЕ има витална улога во градењето капацитети за справување со предизвиците во сајбер безбедноста

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) - Сајбер безбедноста не претставува само грижа за техничките системи и нивна заштита од напади, туку и грижа за луѓето како потенцијални цели на сајбер напади, но истовремено и клучна алка во системот на сајбер безбедноста. Таа е составен дел на сеопфатниот концепт за безбедност на ОБСЕ и токму затоа нашето претседателство ја стави сајбер безбедноста многу високо на агендата.

Ова го истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи во своето обраќање на годишната Конференција на ОБСЕ за сајбер/ИТК безбедност насловена „Луѓе, доверба, отпорност: градење сајбер безбедност за сите“ што се одржува во Скопје.

-Информатичката технологија и нејзината употреба не нè прави помалку луѓе. Ова е причината зошто целосното почитување на човековите права мора да биде услов без кој не се може дури и во оваа сфера, во која доминираат машините и нивната моќ, рече Османи.

Во текот на 2023 година нашите дискусии на оваа тема, додаде тој, имаат мултисекторски пристап, вклучувајќи ги не само земјите-учеснички на ОБСЕ и партнерите, туку и приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество. Во таа насока, посочи Османи, работата на ОБСЕ на сајбер/ИКТ безбедноста треба да се стави во поширок меѓународен контекст, вклучително и во работата на ОН за сајбер безбедност.

-Како регионална организација на ОН, ОБСЕ, игра витална улога во промовирањето на дијалогот, соработката, довербата и градењето капацитети за справување со сајбер/ИКТ безбедносните предизвици, рече Османи.

Тој потенцира дека заедничкиот пристап во справување со сајбер заканите е уште поважен имајќи предвид дека покрај на терен, руската воена агресија врз Украина се одвива и во сајбер просторот загрозувајќи ја безбедноста на луѓето преку сајбер напади на владини институции, енергетски објекти, комуникациски мрежи, болници. 

-Оваа војна е напад на суверена нација, но и напад на принципите на меѓународното право и поредок заснован на правила на кои почива нашиот меѓусебно поврзан свет. Овие правила се применливи и во сајбер просторот, рече шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ.

Османи истакна дека улогата на земјите-учеснички во ОБСЕ е да го променат наративот дека ниту една земја не е имуна на сајбер напади, а тоа, вели, може да се постигне преку зголемување на соработката и намалување на ризикот од погрешна перцепција, ескалација и конфликт.

-Месецот октомври е посветен на подигање на свеста за сајбер безбедноста. Одржувањето на оваа Конференција во Скопје нè става на глобалната мапа на силни поддржувачи на сајбер безбедноста. Како што нè учи месецот за подигање на сајбер свеста, за таа цел, мора да се здружиме и да ги преземеме неопходните мерки за да останеме безбедни во овој сè повеќе поврзан свет, рече Османи.

Во поглед на понатамошните цели и со јасно разбирање на значајното влијание на новите технологии, вештачката интелигенција и други, Османи најави дека ќе им препорача на идните претседавачи со ОБСЕ да воведат Специјален претставник за новите технологии.

-ОБСЕ треба да се прилагоди и да ги развие своите способности во согласност со современите предизвици, порача Османи. вг/ац/

Фото: МНР
 

Остани поврзан