• петок, 22 ноември 2024

Османи на панел за поддршка на бранителите на демократијата од Авганистан: Северна Македонија покажа одговорност кога тоа беше најпотребно

Османи на панел за поддршка на бранителите на демократијата од Авганистан: Северна Македонија покажа одговорност кога тоа беше најпотребно

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Северна Македонија ги отвори вратите за околу 800 бегалци од Авганистан, силно демонстрирајќи солидарност и одговорност кога тоа беше најпотребно, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната панел дискусија насловена “Поддршка на бранителите на демократијата од Авганистан”, во организација на Националниот демократски институт.

Во својот говор, како што соопшти МНР, министерот Османи изрази задоволство од успешно завршената мисија за привремено сместување на загрозените лица од Авганистан, кои ја напуштија Северна Македонија и се упатија кон земјите од нивната конечна дестинација.

-Во тоа тешко време, целосно ја разбравме потребата да ги засилиме нашите напори за да им помогнеме на луѓето кои работеа за мир во таа земја во изминатите 20 години. Стануваше збор за вработени, жени и деца од семејства на вработени во хуманитарни и мировни мисии, активисти од организации за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, научници, како и граѓани кои ги поддржуваа силите на НАТО во Авганистан во изминатите 20 години, вклучително и нашата армија, рече Османи.

Воедно, шефот на дипломатијата потсети дека државата како кредибилен НАТО сојузник обезбеди привремено прибежиште на вкупно 68 Авганистанци, кои беа сместени во базата „Бехтел“, во Косово, а кои претходно беа ангажирани од страна на Алијансата за време на мисијата во Авганистан.

-Придонесовме да се ослободат силите на НАТО ангажирани во базата “Бехтел” во Косово и истите да делуваат во полн капацитет на Источното крило, а во контекст на заканите кои доаѓаат по земјите членки во тој дел, како последица на руската инвазија врз Украина. И оваа мисија успешно ја завршивме. Сите Авганистанци поврзани со НАТО ја напуштија земјава и се наоѓаат во земјите на нивна крајна дестинација, истакна Османи додавајќи дека учеството во оваа операција беше исклучително искуство за постигнување на посакуваната интероперабилност, што ни помогна денес да стоиме еднакво рамо до рамо со нашите НАТО сојузници во различни мисии за заштита на нашите вредности и норми.

Говорејќи за солидарноста и нашиот активен придонес кон заедничките напори на меѓународната заедница во справувањето со кризни ситуации, Османи се осврна и на нашето претседавање со ОБСЕ во чиј фокус се луѓето. Во таа смисла, нагласи дека човековата безбедност, вклучително и заштитата на цивилите и ублажувањето на цивилната штета, мора да има централно место во нашите заложби, стои во соопштението. вг/аа/

Фото: МНР

Остани поврзан