• петок, 22 ноември 2024

Османи за „Политико“: Со договорот Малта да го преземе претседавањето победи демократскиот свет, ОБСЕ е безбедно

Османи за „Политико“: Со договорот Малта да го преземе претседавањето победи демократскиот свет, ОБСЕ е безбедно

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) - Министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на состанокот во Скопје неделава се очекува да потпишат договор за избирање на Малта како следен претседавач со организацијата со седиште во Виена.

Бриселскиот портал „Политико во анализата „Средба на НАТО во услови на колеблива поддршката за Украина“, посочува дека веста за прелиминарниот договор за избор на нов претседавач - што е клучно за одржување на организацијата во функција - првпат беше објавена од Security and Human Rights Monitor. Но, наведува, планот се соочува со критики во Балтикот и Украина, кои сметаат дека компромисот е победа за Кремљ. Русија ја блокираше кандидатурата на Естонија за улогата, што се закануваше со колапс на организацијата, се наведува во текстот.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, кој како актуелен претседавач со ОБСЕ посредуваше во договорот, на пат кон денешната средба на НАТО, во разговор со новинарот на „Политико“ за случувањата посочува дека не смета дека компромисот е победа за Русија. Потсетува и на неговата изјава дека ги испробал сите можни решенија и првично целосно ја поддржал Естонија - но на крајот морал да најде компромисен кандидат. 

-Мислам дека Русија не беше толку задоволна од работата на ОБСЕ, рече тој, на прашањето дали загубата на Естонија беше руска победа.

Според него, одржувајќи го ОБСЕ „во живот, функционално... ќе имаме инструмент“.

-Победивме, демократскиот свет, оние кои го следат меѓународниот поредок заснован на правила. И со овој договор организацијата, можам да кажам, е безбедна, вели шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ Османи.

Организацијата се соочи со критики во Брисел дека ја надживеала својата цел и не успеала да ја спречи војната во Украина, но, се посочува во анализата, неколку официјални претставници, вклучително и Османи, инсистираа дека може да одигра клучна улога во следењето на каков било потенцијален прекин на огнот или мировен договор.

-Мислам дека ОБСЕ ќе биде тој што ќе влезе ако има мир во Украина, тврди тој.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен планираат да присуствуваат на состанокот в среда во Скопје, Северна Македонија - но не е предвидено да се сретнат, наведува „Политико“.

Османи го потврди присуството на Лавров на состанокот во Скопје кон крајот на оваа недела, додавајќи дека земјава ги дала сите потребни визи и дозволи за патување и сега е во преговори со Грција и Бугарија за правата на прелет. Османи ја коментира и изјавата од неименувани дипломати дека некои министри на ЕУ од Балтикот, како и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, би можеле да одбијат да присуствуваат поради тоа.

-Сè уште работиме на тоа да ги донесеме сите во Скопје, рече Османи, додавајќи дека ќе продолжи да се залага за тоа денеска на состанокот на НАТО.

На прашањето кој ќе се сретне со Лавров, со оглед дека шефот на руската дипломатија тврдеше дека некои западни земји побарале да се сретнат со него додека бил во Скопје, Османи одби да го открие дневниот ред, наведува „Политико“.

Министрите за надворешни работи на 57 земји членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) се очекува да се состанат подоцна оваа недела за да потпишат договор за избор на Малта како следен претседавач со организацијата со седиште во Виена. вг/аа/

Фото: МИА Архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан