• петок, 22 ноември 2024

Османи за МИА: Забрзување на интеграцијата на Западниот Балкан во НАТО и ЕУ е единствениот лек за сите проблеми во регионот

Османи за МИА: Забрзување на интеграцијата на Западниот Балкан во НАТО и ЕУ е единствениот лек за сите проблеми во регионот

Брисел, 28 ноември 2023 (МИА) – Потребен е координиран пристап помеѓу НАТО и Европската унија и забрзување на интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во Алијансата и ЕУ, бидејќи тоа е единствениот лек за сите проблеми што ги има регионот и за намалување на влијанието од трети страни, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за МИА од Брисел, каде денеска учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО.

- Латентните хибридни влијанија, коишто навидум не ги гледаме, постојано „роварат“ на некој начин со цел да создадат плодна почва за продолжување на недовербата во регионот, на несоработката, на тензиите, бидејќи само во такви услови малигните фактори можат да остварат влијание. Во стабилни услови, во соработка, во забрзан европски процес се намалува просторот за влијание, истакна Османи.

Тој потенцира дека НАТО во овој период посветува зголемено внимание на случувањата на Западниот Балкан, што е посебно важно за нас, кои сме дел од тој регион, за да има безбедност и мир и оттука, како што рече, колку што повеќе успеваме како земја да го задржиме вниманието на Алијансата за нашиот регион, тоа е наш поголем успех како членка на Пактот.

Според него, за регионот се посебно опасни растечкиот сепаратистички наратив на лидери од Република Српска во Босна и Херцеговина, што некогаш може да се смета како дел од редовна предизборна националистичка реторика.

- Меѓутоа, мислам дека тоа е опасен тренд, бидејќи се повеќе се усвојува дел од територија на таа реторика и станува дел од новото нормално во нашиот секојдневен дискурс и тогаш нема враќање назад. И затоа е многу важно сите да бидеме гласни да ги спречиме таквите трендови, а се разбира и да го охрабриме дијалогот помеѓу Србија и Косово, потенцира Османи.

Во врска со војната во Украина, шефот на дипломатијата потенцира дека земјава се покажа како доверлив партнер на НАТО и ЕУ и еден од најголемите поддржувачи на Киев и во политичка, меѓутоа и во воена смисла по глава на жител. Од тој аспект и како претседавач со ОБСЕ енергијата на Организацијата ќе ја посвети на Украина и на одговорноста што треба да ја сноси Русија поради агресијата и поради кршењето на основните принципи на кои се темели ОБСЕ.

- Ние од сите аспекти, од билатерален, од мултилатерален, бевме навистина недвосмислени во поддршката за Украина, бидејќи сметаме дека Украина не се бори само за сопствената слобода, Украина се бори за сите нас, бидејќи ако принципот поголемиот да го нападне помалиот сосед само заради тоа што може, стане дел од новата нормалност на глобалниот поредок, тогаш можете да замислите што може да им се случи на помалите земји како нас. Нас, не штити само меѓународен правен поредок заснован на правила и затоа се бориме толку силно, се разбира, и за Украина, но и за нас самите, потенцира Османи.

Во интервјуто Османи говори и за утрешниот министерски совет на ОБСЕ во Скопје, кој го оценува, како најголем политичко-дипломатски настан што се случил во нашата држава од осамостојувањето, и по големина и по суштина, за евроинтеграцискиот процес, поларизацијата во нашето општество, како и за претстојните избори во земјата.

Во продолжение следи интегралното видео интервју со министерот Османи за МИА:

Добар ден господине министре, ви благодарам што прифативте интервју за МИА. Денеска учествувавте на министерскиот состанок на НАТО во Брисел на кој главни теми беа Украина и случувањата на Блискиот Исток. Меѓутоа, неодминливи се и состојбите во Западниот Балкан. Изминатиов период бевме сведоци на зголемени тензии во Косово, во БиХ, а и самиот генерален секретар Столтенберг ги потенцира тие зголемени тензии. Кои пораки беа упатени на овој собир во однос на состојбата на Балканот? 

-Ова е редовен министерски состанок на НАТО на којшто се разговараше за три теми. Една од нив што е особено значајно за нас, е што има посебна сесија за Западниот Балкан, што укажува на значењето на регионот за НАТО, а се разбира тоа значи и поголем фокус за сите предизвици коишто може да се случуваат. И кога ќе ја надоврзете на ова и скорешната посета на генералниот секретар во Скопје, каде што оствари средби и ги собра и лидерите од регионот укажува дека навистина НАТО во овој период има зголемено внимание по однос на случувањата во регионот, а тоа е посебно важно за нас, бидејќи се разбира ние сме дел од тој регион. За нас е најважно да има безбедност и мир во регионот каде што се наоѓаме. И оттука, колку што повеќе успеваме како земја членка да го задржиме вниманието на НАТО за нашиот регион тоа е поголем наш успех  како членка на НАТО. 

Се разбира дека фрагилни точки се Босна и Херцеговина и односот Србија – Косово. Босна и Херцеговина поради се повеќе растечкиот сепаратистички наратив, сецесионистички наратив на лидери од Република Српска којшто ние можеме да го некогаш потцениме како дел од редовна предизборна националистичка реторика. Меѓутоа, јас мислам дека тоа е опасен тренд бидејќи се повеќе се усвојува дел од територија на таа реторика и станува дел од новото нормално во нашиот секојдневен дискурс и тогаш нема враќање назад. И затоа е многу важно сите да бидеме гласни да ги спречиме таквите трендови, а се разбира и да го охрабриме дијалогот помеѓу Србија и Косово. Ние бевме исто така гласни како и НАТО во осуда на неодамнешниот напад во северот на Косово од страна на вооружена група, како и нападот врз војниците на НАТО каде што беа повредени над 93 НАТО-војници. 

Северна Македонија има на некој начин свој удел во односот затоа што беше домаќин на дијалогот помеѓу Косово и Србија каде што и се креираше т.н. Охридски договор, којшто е во основа за постигање на сеопфатен договор меѓу Србија и Косово којшто во центарот треба да го имаат меѓусебното признавање и потоа евроатлантска интеграција на сите држави во регионот. 

Се разбира, денеска разговаравме и за Вашингтонскиот самит. Знаете дека идната година на 75 години од создавањето на НАТО, Самитот ќе се одржи во Вашингтон и тоа е исклучително важен самит, бидејќи тука треба да се воведат темелите на НАТО во едни нови попредизвикувачки периоди во коишто влегуваме во геополитички контекст, а се разбира и моментумот на агресијата во Украина кој што е особено важно и многу е важно НАТО да продолжи со своето единство во поддршка на Украина колку и да тоа е потребно. 

Колку во сите тие случувања во регионот на Западниот Балкан може да се препознае руското влијание со дезинформациите, лажните вести?

-Мислам дека е присутно во различни форми од полатентни невидливи влијанија до повидливи влијанија преку прокси играчи во регионот. Меѓутоа, сите се подеднакво опасни и тие латентните хибридни влијанија коишто навидум не ги гледаме, меѓутоа постојано „роварат“ на некој начин со цел да создадат плодна почва за продолжување на недовербата во регионот, на несоработката, на тензиите, бидејќи само во такви услови можат малигни фактори да остварат влијание. Во стабилни услови, во соработка, во забрзан европски процес се намалува просторот за влијание. И оттука и мојата порака беше денеска – дајте координиран пристап помеѓу НАТО и Европската унија, дајте да ја забрзаме интеграцијата во НАТО и Европската унија, бидејќи тоа е единствениот лек за сите проблеми што ги има регионот и за да се намали тоа влијание од трети страни. 

Меѓу темите на состанокот беше неодминлива и состојбата во Украина. Колку Северна Македонија може да придонесе за поддршката на Украина, посебно од аспект на тоа што е актуелен претседавач на ОБСЕ и во контекст на евентуални мировни преговори?

-Значи, Северна Македонија се истакна како вистински партнер и вистински сојузник на НАТО иако беше во своите зачетоци на членството, во своите први три години. Меѓутоа, успеавме да се покажеме како доверлив партнер, бидејќи веруваме во тие вредности. Значи, ние прво ја усогласивме нашата надворешна политика со надворешната безбедносна политика на Европската унија 100 проценти придружувајќи се на санкциите на Европската унија, коишто беа воведени после 24 февруари, меѓутоа и ретроактивно на сите санкции коишто беа воведени кон Русија од 2014, после анексијата на Крим. Потоа, ние сме еден од најголемите поддржувачи на Украина и во политичка, меѓутоа и во воена смисла. Ги знаете тие проценки коишто во НАТО ги кажуваа дека ние сме четврта земја во НАТО по воената поддршка што сме ја дале на Украина по глава на жител. 

После тоа, нашето претседавање со ОБСЕ беше под принципот „но бизнис ас јужл“, односно дека не може да разговараме за секојдневните теми на ОБСЕ, туку енергија на Организацијата ќе ја посветиме на Украина, на одговорноста што треба да ја сноси Руската Федерација поради агресијата и поради кршењето на основните принципи на кои се темели Организацијата.

Значи, ние од сите аспекти, од билатерален, од мултилатерален аспект бевме навистина недвосмислени во поддршката за Украина бидејќи сметаме дека Украина не се бори само за сопствената слобода, Украина се бори за сите нас, бидејќи ако принципот поголемиот да го нападне помалиот сосед само заради тоа што може, стане дел од новата нормалност на глобалниот поредок, тогаш можете да замислите што може да им се случи на помалите земји како нас. Нас, не штити само меѓународен правен поредок заснован на правила и затоа се бориме толку силно се разбира и за Украина, но и за нас самите. 

Кога веќе го споменавме ОБСЕ, ни претстои министерскиот состанок во Скопје, тоа е еден голем настан. Што се Вашите очекувањата од овој собир?

-Видете, цел на секоја дипломатија особено на помалите земји е да може да ја изложи земјата на големата меѓународна сцена. Мислам дека нема поголем политичко дипломатски настан којшто се случил во нашата држава од своето осамостојување, како што е министерскиот совет на ОБСЕ и по големина и по суштина. 

Прво, по големина, затоа што 76 држави ќе бидат присутни во Скопје, тоа е целата Северна хемисфера и ќе се разговараат прашања за безбедноста на регионот на ОБСЕ, вклучувајќи ги и министрите за надворешни работи на најмоќните држави во светот, но и по суштина, затоа што нашето претседавање успеа да го сопре падот на Организацијата. Организацијата поради ниското ниво на доверба помеѓу земјите учеснички, пред се, предизвикано од руската агресија во Украина беше под ризик на некој начин да исчезне од меѓународната сцена. Нашето претседавање, заедно се разбира со сите земји учеснички, постигна Организацијата да застане на свои нозе, да имаме претседавач за идната година и да продолжи да им служи на луѓето бидејќи на крај се работи а луѓето како што звучи и слоганот на нашето претседавање. 

Конечно на министерскиот состанок во Скопје пристигнува и Лавров. Дали евентуално имате сознание за можна средба Лавров – Блинкен?

Прво, мислам дека треба да расчистиме, дека г. Лавров не доаѓа во Скопје, доаѓа во ОБСЕ, како што беше во Њујорк пред неколку месеци во Обединетите нации, а не во САД. Бидејќи ние сме земја домаќин на ОБСЕ ние ги очекуваме сите министри на земјите учеснички и земјите партнери на ОБСЕ, а нивната агенда, билатералните агенди што ги имаат се разбира дека ние не ги диктираме. Ние сме тука да им овозможиме услови на министрите од сите држави да се сретнат, бидејќи сметаме дека само дијалогот е најдобриот начин да се најде решение за сите проблеми. И оттука, нашиот обид во текот на претседавањето е да ја повикаме Русија да ја прекине агресијата, да ги повлече своите трупи од Украина и да се врати на принципите и заложбите на организацијата и да се врати во нормалниот меѓународен правен поредок којшто еве 70 години обезбедува мир и стабилност и невиден прогрес во нашиот континент. 

Изминативе две години доминантно на внатрешната политичка сцена беа евроинтеграциите и преговорите за членство во ЕУ. Меѓутоа, последниве недели се добива впечаток како некако да паднаа во сенка разговорите и дебатата околу претстојните претседателски и парламентарни избори. Дали е тој впечаток погрешен?

-Мислам дека како никогаш досега политичкото општество ни е поларизирано во два големи фронта. Во европски фронт на кој претходници се партиите од сегашната владина коалиција и ако можам да кажам некој антиевропски фронт на којшто предводник се одредени партии од опозицијата. Наш интерес е оваа тема да остане доминантна, да остане единствениот наратив затоа што е единственото решение за проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Вие можете да излезете да понудите какви било креативни решенија тие не се реални доколку нема европска поддршка на тие решенија. Вие можете да ветувате брда и долини за прашањето на граѓаните тие се само едни лажни ветувања ако во основа на вашата програма не ви е членството во Европската унија. И тоа е докажано не само за нас и за многу поголеми земји – единствено решение за граѓаните да имаат подобар животен стандард, да имаат подобро здравство, подобро образование, за да ја спречиме емиграцијата на луѓето, за младите да не бегаат надвор, туку да останат во државата, единствено решение е забрзано членство во Европската унија. 

И затоа ние сметаме дека оваа тема треба да остане доминантна. Секоја друга приказна дали е тоа популистичка, националистичка, предизборна, е само обид за наметнување на партиските интереси и кариеристичките интереси на сметка на суштинските интереси на граѓаните. Мислам дека јасно им е на граѓаните дека не може да има алтернатива на Европската Унија. Затоа секое ветување кое во основа, и пак го повторувам ова можеби по трет пат, секое ветување кое во основа ја нема Европската Унија, тоа не е кредибилно. 

Дали е на повидок некаков термин, датум за изборите?

Мислам дека е многу важно за датумот на изборите, за формата на изборите да има целосен консензус меѓу политичките партии и тука мој и личен принцип е, за да имаме обезбеден рамноправен терен за натпревар, многу е важно да се има согласност и од опозицијата, бидејќи не смееме да влеземе во нерамноправни услови за натпревар. Посебно кај нас техничката влада го овозможува тој терен. Нема држава во светот каде што министер за внатрешни работи станува од опозицијата, каде премиерот дава оставка, министер за труд и социјална политика – тројца заменици-министри со врзан потпис... и сега кога ја слушам опозицијата како повикува да се тргне „пржинската влада“, како што и прочитав некаде, тоа е најголемиот комплимент за Владата. Тоа значи дека опозицијата верува дека Владата може сама да организира фер избори и навистина ние така треба да го прифатиме тоа, но мислам дека датумот и формата на изборите треба заеднички да ги усогласиме. 

И затоа на лидерската средба која што е најавена на почетокот на наредниот месец ќе треба да ги слушнеме и опозиционите партии и да донесеме заедно одлука. 

Сашко Панајотов

Фото/Видео: МИА

Остани поврзан