• вторник, 14 мај 2024

Општинска поддршка за едукација на кандидати за лична асистенција на лица со попреченост

Општинска поддршка за едукација на кандидати за лична асистенција на лица со попреченост

Битола, 22 јануари 2024 (МИА) - Општина Битола обезбеди финансиска поддршка за едукација на кандидати кои по завршување на обуката ќе добијат лиценца за да вршат лична асистенција на лица со попреченост.

Во изминатите две години ОО Црвен крст-Битола со финансиската поддршка од Општина Битола обучи 34 лица, а наскоро ќе биде извршен избор и обука на нови 10 кандидати, изјави за МИА д-р Лилјана Ристевска, претседател на ОО Црвен крст-Битола.

-Со финансиска поддршка на локалната самоуправа и годинава нашите тимови непречено ќе извршат обука за кандидатите кои сакаат да се стекнат со лиценца и да вршат лична асистенција на лица со попреченост. Обуката се одвива во период од три месеци, време во кое кандидатите ги добиваат сите потребни знаења и вештини, организирани во три модули. Обуката завршува со јавен испит како составен сегмент од процедурата за добивање на лиценца. Веднаш потоа, лиценцираните ќе може да им помагаат на лицата со попреченост, истакна Ристевска.

Во 2022 година Општина Битола издвои 480.000 денари за обука на 24 лица, а минатата и оваа година по 200.000 денари за обука на 10 лица, кои потоа за ангажманот добиваат надомест од Министерството за труд и социјална политика, информира Ристевска.

-Во моментов во Битола поддршка користат триесеттина лица, најголем дел слепи лица, но и лица со физичка попреченост. Обврската на лиценцираните лица е да им помагаат на лицата кои побарале и користат помош да излезат во пресрет за најнеопходните барања, пример придружба на дете од дома до училиште и обратно. Поддршка користат лица со попреченост од 7 до 64 годишна возраст, што значи обезбедена е квалитетна помош за сите генерации, посочи Ристевска.

Општина Битола во рамки на програмата за социјална заштита обезбеди финансиска поддршка и за лица со ретки болести. мт/мд/

Фото: ОО Црвен крст-Битола

Остани поврзан