• недела, 05 мај 2024

Општина Тетово демантира дека се потрошени 211 илјади евра за патни и дневни трошоци

Општина Тетово демантира дека се потрошени 211 илјади евра за патни и дневни трошоци

Тетово, 30 јануари 2024 (МИА) – Претседателот на Советот на Општина Тетово Бесар Дурмиши одржа прес-конференција на која ги демантираше податоците објавени во анализа на Институтот за демократија и економски анализи-ИДЕА.

Според анализата „Патни и дневни трошоци“ на ИДЕА, за патни и дневни трошоци во текот на 2022 година, Општина Тетово потрошила вкупно 211.031 евро. Од друга страна, Дурмиши рече дека износот е 11.209 евра.

- Со цел да се разјасни состојбата и да се демантира анализата Општина Тетово ги објавува бројките за расходите за 2022 и 2023 година. Патувањата внатре и надвор од државата за градоначалникот, администрацијата, претседателот на Советот на општината и советниците се вкупно 11.209 евра. Оваа бројка е предвидена во буџетот за 2022 година и ги вклучува сите патни трошоци за претставниците на општината, истакна Бесар Дурмиши.

Тој образложи дека во 2022 година трошоците на средните и основните училишта достигнале вкупен износ од 320.733 евра, но, според него, сето тоа платено од ЕУ во рамки на проекти.

- Средните училишта потрошиле 266.826 евра, додека основните училишта се поддржани со 53.907 евра, сите овие трошоци се од Еразмус програмата на Европската Унија. Важноста на овие средства произлегува од нивната посветеност во форма на грантови, кои не се вклучени во општиот буџет на општина Тетово, рече Дурмиши.

За 2023 година градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами, има потрошено вкупно 5900 евра, трошоците на советот на општина Тетово се 1317 евра, додека администрацијата потрошила вкупно 11.800 евра.

- Во оваа сума е вклучена и обуката на пожарникарите во Англија и обуката на некои администратори за проектот за дигитализација во Хрватска. Со оваа транспарентност, општина Тетово ја изразува својата заложба за одржување отворена и искрена комуникација со граѓаните и медиумите истакна Дурмиши. ас/сст/
фото МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан