• недела, 22 декември 2024

Општина Куманово додели договори на пет граѓански здруженија кои нудат поддршка за ранливи категории кумановци

Општина Куманово додели договори на пет граѓански здруженија кои нудат поддршка за ранливи категории кумановци

Куманово, 1 август 2024 (МИА) - Општина Куманово додели вкупно три милиони денари на пет граѓански здруженија кои се пријавија на јавниот повик за финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита. На денешната средба во Општината со претставниците на здруженијата, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и надлежните од Сектоорт за социјална заштита ги поделија договорите.

- Очекувам исклучителни резултати од работата на организациите во реализација на дејностите кои се однесуваат на поддршка на ранливите категории граѓани. Добро е што дел од вас се лиценцираат за да може во иднина да користите средства од централната власт и овие наменски средства да останат за други ваши колеги, рече Димитриевски.

За јавниот повик беа одвоени четири милиони денари, распределени се три милиони денари на пет организации.

Половина милион денари доби хуманитарната организација „Мајка“, која ќе работи на кризен центар за жени-жртви на родово и семејно насилство, а здружението за едукација и советување на деца „Детска светлина“ доби 380.000 денари и ќе работат со деца на кои им се потребни логопедски услуги. Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ доби милион и 150.000 денари за центар за дневен престој при што нудат индивидуална работа со деца со попреченост. Центарот за ромска заедница „ДРОМ“, кој понуди услуга центар за дневен престој за деца од социјален ризик и добија 650.000 денари и ќе ги опфати децата што питачат. Центарот за рурален развој „Бујрум“ доби 320.000 денари и ќе понуди едукација, ресоцијализација и вработување на лица со попреченост.

- Средствата се определени согласно нивните апликации. На повикот учествуваат пет здруженија и сите добија средства, ниту една не е одбиена. Како комисија ги евалуиравме проектите, сите непредвидени трошоци се одбиени, можат да си најдат други извори на финансирање. Како сектор ги контролираме постојано, тие доставуваат извештаи. Во правилникот е наведено дека доколку не се трошат наменски средствата, организациите воопшто нема да ги добијат и ќе добијат забрана да учествуваат на повиците на општината, изјави раководителот на секторот, Александар Крстевски. ам/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан