Општина Крива Паланка започна транспарентна подготовка на буџетот за 2026
- Со цел овозможување масовно и директно вклучување на граѓаните и различни целни групи во транспарентно креирање на буџетот за следната година, Општина Крива Паланка отпочна повеќе инклузивни и транспарентни процедури и алатки, преку кои секој заинтересиран граѓанин може да даде свој придонес во креирањето на буџетот.
Крива Паланка, 14 ноември 2025 ( МИА) - Со цел овозможување масовно и директно вклучување на граѓаните и различни целни групи во транспарентно креирање на буџетот за следната година, Општина Крива Паланка отпочна повеќе инклузивни и транспарентни процедури и алатки, преку кои секој заинтересиран граѓанин може да даде свој придонес во креирањето на буџетот.
Општина Крива Паланка го започнува процесот на подготовка на буџетот за 2026 година што ќе се изработи во партнерство со граѓаните: транспарентно, отчетно и инклузивно.
-За таа цел вклучуваме различни алатки: низ партиципативен процес, ќе организираме родово одговорен буџетски форум на кој можат да учествуваат сите заинтересирани граѓани, каде што ќе се разгледуваат потребите и приоритетите на различни групи граѓани, со посебен фокус на родовата еднаквост и инклузивноста во распределбата на буџетските средства. Ќе се спроведе онлајн анкета за доставување предлози, идеи и приоритети за буџетот, а анкетата е на достапна на веб-страната на општината и ќе се реализираат отворени денови во рамки на „Недела на идеи и предлози за буџетот 2026“, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.
Неделата на идеи и предлози ќе се спроведе од понеделник, 17 ноември до 26 ноември, во периодот на работното време на општината, а предлозите можат да се достават до архивата на општината.
-Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани да ги искористат наведените алатки и да бидат дел во креирањето на буџетот за 2026 година, зошто секој еден предлог е важен чекор кон создавање подобра локална заедница и општина по мерка на граѓаните, посочуваат од општината.ид/бк/
Фото Општина Крива Паланка