• понеделник, 23 декември 2024

Општина Кочани е прва во државата која воведе паметно мерење и управување на јавното осветлување

Општина Кочани е прва во државата која воведе паметно мерење и управување на јавното осветлување

Кочани, 9 октомври 2024 (МИА) – Кочани е прва општина во државата која воспостави електронски систем за паметно мерење и управување со јавното осветлување, со што се постигнати значителни заштеди, ефикасно искористување и намалени трошоци за електричната енергија.

Системот е воведен во рамки на проектот со кој Локалната самоуправа пред две години конкурираше на повикот за спроведување мали проекти во областа на енергетиката, климатската заштита и транспортот за општините во државата.

Средствата се обезбедени преку програмата „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“, кофинансиран од ЕУ и од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), а го имплементира Германското друштво за интернационална соработка (GIZ).

На денешната завршна презентација на проектот, на која присуствуваа амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, заменик амбасадорот на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, извршниот директор на Мрежата на здруженија на локални власти од Југоисточна Европа (НАЛАС), Кељменд Зајази, извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, градоначалници од општините во регионот и други гости, беше нагласено дека е обезбедена модернизација во управувањето со енергијата што се користи за јавното осветлување, а Општина Кочани ќе има и дополнителни придобивки.

- Првите резултати покажуваат и економски и енергетски заштеди од над 15 отсто со реализацијата на овој проект, а задоволство е дека се работи за македонски производ што за првпат се применува во општина Кочани и ќе биде пример за останатите општини. Покрај тоа што преку платформата имаме можност да ги следиме загубите, потрошувачката, напонот, кражбите на струја, да ги планираме јавните набавки за енергија за улично осветлување, со оваа платформа ќе имаме можност да ги надградиме постојните 69 ормари што беа опфатени во проектот со дополнителни елементи кои ќе ни даваат и податоци за квалитетот на воздухот, загаденоста на животната средина и подобрување на следењето во управувањето со јавното осветлување, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Системот за управување е составен од лед светилки и сензори кои со кои се прилагодува интензитетот на светлина во зависност од временските услови и движењето на возилата и пешаците, а годишната заштеда на електрична енергија во просек изнесува околу 95 MWh.

- Со овој проект ние сме пример дека партнерството не мора секогаш да биде на ниво на влада, туку дека може да биде и на ниво на градови и општини затоа што општините се моторот на енергетската транзиција. Општина Кочани, во рамки на Пактот на градоначалници, покажа дека ангажманот е многу важен. Во Општината не почнаа вчера со енергетската транзиција, туку многу години работат на оваа тема и задоволна сум што преку заеднички напори овозможивме сега Кочани да има ваков систем на осветлување, истакна германската амбасадорка Дрекслер.

Заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Нупнау нагласи дека воспоставениот систем за јавното осветлување во Кочани е важна пресвртница во заедничките напори за енергетска транзиција преку намалување на побарувачката за енергија и негативните последици од климатските промени.

Воведувањето на проектот „Паметно мерење и управување на енергијата во системот за јавно осветлување во Кочани“ траеше 12 месеци, при што Германското федерално министерство за економска соработка и развој – ГИЗ обезбеди максимална поддршка до 50 илјади евра, а околу 20 отсто од вредноста на работите ги кофинансираше Општина Кочани од сопствениот буџет. 
та/цр

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан