Општина Дебар со нула толеранција за узурпација на државно земјиште, вклучително и покрај Дебарско Езеро
- Градоначалникот на Дебар, Фисник Меља, порача дека во ниту еден момент нема да биде дозволена никаква градба без дозвола покрај Дебарско Езеро.
Дебар, 25 ноември 2025 (МИА) – Градоначалникот на Дебар, Фисник Меља, порача дека во ниту еден момент нема да биде дозволена никаква градба без дозвола покрај Дебарско Езеро.
-Во последните денови, во подрачјето на Дебарско Езеро, беше констатиран обид за узурпација на јавна сопственост. Благодарение на итната реакција на Општина Дебар и соработката со надлежните служби, јавниот простор беше ослободен без одложување, а местото на настанот беше обележано со службени ленти за да се спречи каква било понатамошна интервенција, информираше Меља.
Додаде дека општината нема да толерира узурпација на земјиште во државна сопственост на целата територија, а тоа значи и за просторот покрај Дебарско Езеро.

-Сакам решително да нагласам дека ваквите појави им припаѓаат на минатото. Во Општина Дебар нема да дозволиме ниту еден обид за злоупотреба на заедничката сопственост. Институционалната реакција ќе биде итна, одлучна и бескомпромисна кон секое прекршување што има за цел узурпација на јавните простори. Јавната сопственост за нас е света. Таа им припаѓа на сите граѓани и ќе биде заштитена со максимална посветеност, посочи тој.
Најави дека ќе продолжат да работат секојдневно за „ниту една педа земја од заедницата да не биде злоупотребена или загрозена“ и ги повика граѓаните да ги известат општинските институции за секој сомнителен случај, со што, рече тој, заедно ќе го „заштитиме Дебар и нашата заедничка иднина“.
Со години наназад на брегот на Дебарско Езеро, главно кај градската плажа, месноста „Три чешми“, дури и во делот засаден со борови дрвја, присутна е појавата на нелегално зафаќање на простор и изградба на нелегални индвидуални станбени објекти и кафулиња. Поднесувани се кривични пријави од страна на ОВР Дебар за узурпација на земјиштето и уништување борови дрвја, но до сега не е урната ниту една дивоградба. вт/вј/
Фото: Општина Дебар