• четврток, 25 декември 2025

„Празничната приказна“ во Прилеп до 31 декември

„Празничната приказна“ во Прилеп до 31 декември

Прилеп, 25 декември 2025 (МИА) - Накитено, со музика и базар синоќа на плоштадот „Методија Андонов - Ченто“ во Прилеп почна „Празнична приказна“, што ќе трае до заедничкиот пречек на Новата 2026 година.

Сите претпразнични денови ќе бидат исполнети со многу музички настапи, празничен базар на плоштадот „Методија Андонов - Ченто“ и со многу новогодишни изненадувања и подароци.

- Прилеп ја нуди „Празничната приказна“. Сакаме да воспоставиме традиција на новогодишни настани и убави моменти. Освен богатото украсување на градот, сите овие настани ќе ја збогатат празничната атмосфера во градот, вели прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски, кој синоќа од големата бина на плоштадот ја отвори оваа новогодишна манифестација и ги покани сите прилепчани и гостите на новогодишно дружење сите овие денови.

Настаните ќе се одвиваат секојдневно, од 17 до 21 часот до 30 декември на плоштадот, каде е големата бина.

Манифестацијата беше отворена со програма која опфаќа домашни музички ѕвезди и бендови.

Денеска настапува камерниот оркестар „Дива“ од Битола, в петок, на 26 декември, ќе има ди-џеј и ќе настапи Владо Јаневски. Сабота ќе биде програма главно наменета за најмладите, а вечерта ќе биде збогатена со музички настапи и ди-џеи. В недела меѓу другите е „Winter street festival caravan“  од Скопје, в понеделник, на 29 декември ќе настапат  „Артриум“ и ди-џеј Вера Јанковиќ. Во вторник, на 30 декември, се настапите на „Калабалак“ и „Љубојна“, а в среда, на заедничкиот пречек на Новата година ќе настапи Наум Петрески со бенд. ем/мд/

фото: МИА

Остани поврзан