• вторник, 05 ноември 2024

Општина Дебар продолжува со проекти за подобрување на патната инфраструктура

Општина Дебар продолжува со проекти за подобрување на патната инфраструктура

Дебар, 22 април 2024 (МИА) - Општина Дебар продолжува со реализација на проекти во насока на подобрување на патната и друга инфраструктура.

Покрај оние кои се во тек, почнаа работите на изградба на улицата „Еќерем Зенго“ во населбата „Ново Коњаре“ во градот.

-Се предвидува изградба на атмосферска канализација, нивелирање на шахти а потоа асфалтирање. Улицата е во должина од 700 метри а изведувач на работите е фирмата „Еуроедил“ од Струмица. Проектот кој е во износ од над 8,4 милиони денари без ДДВ е кофинансиран од Бирото за регионален развој, при што околу 25 отсто е учество на општината, изјави за МИА, координаторот на проектот Илдрит Бомова.

Работите од блиску ги следеше и градоначалникот Хекуран Дука, кој не го крие задоволството од реализацијата на овој, но и на други проекти.

-Освен овој значаен проект, посебно за жителите од населбата, продолжуваат работите за финализирање на проектот за реконструкција на дел на улица во населбата „Венец 1“. Во еден дел од улицата се интервенираше за реконструкција на канализациската мрежа, што беше проблем бидејќи секогаш при обилни дождови, атмосферската вода редовно беше поплавувањето на подрумите на куќите. Оваа е инвестиција на општина Дебар во соработка со Јавното комунално претпријатие „Стандард“, рече Дука.

Исто така информираше дека по целосната реконструкција на неколку улици во населбата „Венец1“, на кои за првпат беше изградена и атмосферска канализација, деновиве поставено е ново улично осветлување. вт/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан