Општина Велес на Свечена академија ги врачи „9–то ноемвриските“ награди и признанија
- Во рамките на одбележувањето 81 година слободен Велес, на Свечена академија синоќа на големата сцена во велешкиот театар беа врачени „9-то ноемвриските“ награди и признанија, како и наградата за животно дело „Гемиџии“ на актерот Петар Темелковски, а наградата за најстудент „Проф д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ на студентот Марко Инѓилизов.
Велес,10 ноември 2025 (МИА) - Во рамките на одбележувањето 81 година слободен Велес, на Свечена академија синоќа на големата сцена во велешкиот театар беа врачени „9-то ноемвриските“ награди и признанија, како и наградата за животно дело „Гемиџии“ на актерот Петар Темелковски, а наградата за најстудент „Проф д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ на студентот Марко Инѓилизов.
Годинашните добитници на Спомен плакети се авторскиот тим на издадениот „Тритомник на Рацин“ поточно проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Искра Тасевска Хаџибошкова и академик Катица Ќулафкова, како и градежниот инжинер Бошко Цветковски, а наградите ги добија од градоначалникот Марко Колев. Во име на добитниците се заблагодари Мојсова Чепишевска.
Свечената академија ја отвори градоначалникот Колев првпат во својот втор мандат, и им ги честиташе на годинашните добитници на наградите и признанијата. Воедно се заблагодари на Велешани, како што рече, за големата и убедлива победа на штотуку завршените локални избори со којашто го задолжија за реализација на голем број проекти.
Даниел Јаневски, претседател на Совет на Општина Велес им врачи пофалници на Маријана Нацева, Трајче Илиевски и „Киноверзум“.
Благодарници добија ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“, СОУ „Јовче Тесличков“, Локална библиотека „Гоце Делчев“, Јасмина Дамјановска, Лила Арсова, Миле Манчевски и Мото клуб „Носачи на крстот“.

Мајката на Марко Инѓилизов, во име на својот син којшто студира во странство, ја прими наградата за најстудент „Проф. д-р Ѓорги Шоптрајанов“ од градоначалникот Марко Колев.
Градоначалникот Колев му ја врачи престижната награда за животно дело „Гемиџии“ на актерот Петар Темелковски, а тој во името на годинашните добитниците се заблагодари од свечената бина.
Во изјавата за МИА, актерот Петар Темелковски кој е родум од селото Богомила во поширокиот велешки регион, потенцира дека има добиено многу награди, но има награди кои ќе останат и за неговите идни поколенија.
- Оваа е една од тие награди кои се засноваат на потоци крв пролеани од нашите претци од многу жртви дадени од нашите млади партизани, комити, од војводи, од фаланги. Од сите наши синови што се вградиле во нашето многувековно постоење, потенцира Темелковски.
Во чест на годинашните добитници концерт одржа „Битолски камерен оркестар“ со солистите Андријана Јаневска, Никола Перевски – Пере од „Нокаут“, како и Ана Петановска, Димитар Андоновски и Полина Тасева, кои беа наградени со долг и силен аплауз од преполната сала на театарот.ад/
Фото: МИА