Општина Битола утврди нова програма и проекти од областа на културата
- Општина Битола утврди нова програма за култура која како што посочуваат од тамошната локална самоуправа, ќе им овозможи на сите граѓани во општината рамноправно да учествуваат како творци и како корисници во културата и културните случувања.

Битола, 19 февруари 2025 (МИА) - Општина Битола утврди нова програма за култура која како што посочуваат од тамошната локална самоуправа, ќе им овозможи на сите граѓани во општината рамноправно да учествуваат како творци и како корисници во културата и културните случувања.
Во текот на 2025 година локалната самоуправа ќе го поттикнува современото творештво и културните потреби на младите, ќе се поддржуваат и охрабруваат истражувањата и потребата по нови изразни средства, користењето на нови медиуми, како и проектите со културни содржини во функција на младата популација.
-Програмата усвоена од Советот на Општина Битола промовира европски вредности, стимулира креативно творештво и изразување на младите, поддршка на визуелна уметност, соработка со уметници креативци и инклузија на деца со посебни потреби во областа на културата. Со новата програма, културата се третира како развој и затоа постојано ќе се развива и ревитализира за да може да обезбеди духовна и економска репродукција, посочија од локалната администрација.
Според програмата за култура, во текот на годината ќе се врши естетизација на просторот преку оживување на старите градски јадра преку освојување на нови простори за културни случувања, развој на културниот туризам и афирмација на културното наследство пред домашна и странска публика. Исто така, според востановената традиција, општината ќе продолжи со поддршка на националните културни манифестации кои се одржуваат во градот, потврдија од Општина Битола.
За реализација на програмата за култура во 2025 година, локалната самоуправа од буџетот ќе издвои 16 милиони денари.мт/са/
Фото: МИА