• вторник, 21 јануари 2025

Опозицијата повторно ја блокираше работата на црногорскиот Парламент

Опозицијата повторно ја блокираше работата на црногорскиот Парламент

Подгорица, 21 јануари 2025 (МИА) – Вонредната седница на Парламентот на Црна Гора, на чиј дневен ред, меѓу другото, беше и Предлог-законот за буџетот за оваа година, не почна бидејќи опозицијата ја блокираше говорницата.

Претседателот на Собранието Андрија Мандиќ рече дека опозицијата врши опструкции. Тој упати предупредување до пратениците од опозицијата во кое истакна дека денешната работа е завршена и оти навремено ќе бидат известени за продолжението.

- Почитувани граѓани, гледате во какви услови работиме, а треба да разговараме за важна работа. Се доведува во прашање авторитетот на парламентот, рече Мандиќ.

Пред масата на претседавачот беа пратениците од Демократската партија на социјалистите (ДПС), Социјалдемократите, Граѓанското движење УРА и Хрватската граѓанска иницијатива.

Претседателот на УРА, Дритан Абазовиќ, рече дека не е сигурен каква мерка и е изречена на опозицијата од претседателот на Парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ и додаде дека ќе бидат подготвени бидејќи не им е јасно дали беше дадена пауза или пак седницата за денеска заврши.

Тој повтори дека опозицијата е децидна дека нема да има седници додека Уставниот комитет не ги поништи одлуките за пензионирање на судиите на Уставниот суд.

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ изјави дека е подготвен да побара мислење од Венецијанската комисија (ВК) за ситуацијата во врска со Уставниот суд во Црна Гора.

Милатовиќ смета дека во моментов во Црна Гора има три политички кризи.

- Првата е кризата која се однесува на Уставниот суд. Втората е парламентарната криза во врска со неодржувањето на седниците на Собранието, што во суштина е резултат на првата. А третата се однесува на функционирањето на локалните самоуправи, нагласи денеска Милатовиќ, одговарајќи на новинарски прашања на средбата со чешкиот претседател Петр Павел.

Европската унија ги повика сите институции да го почитуваат законот и да се придржуваат до Уставот. Ова е клучот за европскиот пат на Црна Гора, нагласи Делегацијата на ЕУ одговарајќи на прашање за можно посредување на ЕУ во решавањето на уставната криза по пензионирањето на една судијка на Уставниот суд.

Европската комесарка за проширување Марта Кос, како што е соопштено, ги охрабрила сите политички сили да ги здружат силите за да го надминат сегашниот ќор-сокак и да обезбедат најголема можна поддршка за реформите поврзани со ЕУ.

Таа понудила поддршка од Комисијата за изнаоѓање можни решенија во интерес на Црна Гора и нејзиниот процес за пристапување во ЕУ, вклучувајќи ја и можноста за проценка од независно меѓународно тело, се вели во соопштението. јт/

Фото: Фејсбук Андрија Мандиќ

Остани поврзан