• понеделник, 23 декември 2024

ОН: Има убедливи докази дека Хамас масовно силувал Израелки

ОН: Има убедливи докази дека Хамас масовно силувал Израелки

5 март 2024

Би-Би-Си

Истражувачки тим на ОН заклучил дека има „убедливи докази“ дека за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври било извршено сексуално насилство, вклучително и силување и групно силување, пишува Би-Би-Си.

Исто така, се вели дека има „убедливи информации“ дека заложниците биле изложени на сексуално насилство. Истрагата ја водеше Прамила Патен, специјален претставник на ОН за сексуално насилство во конфликти.

Хамас ги отфрла обвинувањата дека негови членови сексуално напаѓале жени за време на нападот.

„Утврдено е дека постојат разумни основи да се верува дека сексуалното насилство поврзано со конфликтот се случило на повеќе локации за време на нападот на 7 октомври“, се вели во извештајот на ОН. Тоа се случило на најмалку три локации, на местото на музичкиот фестивал Нова и во околината, на патот 232 и кибуцот Реим“, се додава.

Вооружени членови на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, а при нападот беа убиени околу 1.200 луѓе, а 253 лица беа земени како заложници од Хамас. Израел одговори со воена офанзива во Газа, при што загинаа најмалку 30.500 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас.

Доказ за силување, злоупотреба и осакатување на жени

Извештаите за сексуално насилство извршено од Хамас почнаа да се појавуваат веднаш по 7 октомври, со споменати докази за силување, сексуално насилство и женско осакатување.

Во извештајот, ОН наведува дека „нашле јасни и убедливи информации дека е извршено сексуално насилство врз заложниците, вклучувајќи силување, тортура, сурово, нечовечко и понижувачко постапување“. Исто така, се вели дека „постојат разумни основи да се верува дека ваквото насилство можеби е во тек против оние кои сè уште се во заробеништво“.

Истражниот тим на ОН беше во Израел помеѓу 29 јануари и 14 февруари. Десет членови на тимот собрале и верификувале обвиненија и наводи за сексуална злоупотреба, објавија ОН. Одржани се 33 средби со претставници на Израел, а прегледани се повеќе од 5.000 фотографии и 50 часа видео.

Во извештајот се наведува дека „и покрај заедничките напори да се охрабрат“ жртвите да сведочат, тимот не можел да интервјуира ниту една од нив. Некои наводи за силување и сексуално насилство не можеа да се проверат или беа „неосновани“, се објаснува во извештајот, вклучително и сликовито публикуваниот случај на бремена жена чија утроба, наводно, била растргната, а фетусот избоден.

„Израел го поздравува конечното признание дека Хамас извршил сексуални злосторства“, рече Лиор Хајат, портпарол на израелското Министерство за надворешни работи, како одговор на објавувањето на извештајот.

Тој додаде дека Израел сега „повикува на итно свикување на Советот за безбедност на ОН со цел Хамас да се прогласи за терористичка организација и да се воведат меѓународни санкции против нив“.

Израел го поздрави извештајот, ги отфрли наводите за израелски злосторства врз палестинските затвореници

Во исто време, Хајат го отфрли извештајот на тимот на ОН за наводите за сексуално насилство врз палестински мажи и жени во затворите, за време на претреси на куќи и на контролни пунктови по 7 октомври.

„Тоа е потсмев и намерен палестински маневар кој има за цел да создаде неподнослива еднаквост меѓу ужасните злосторства извршени од Хамас и злонамерните и неосновани тврдења против Израел и Израелците“, рече тој.

Израел ги отфрли сличните обвинувања претходно изнесени од тимови на независни експерти на ОН, нарекувајќи ги „одвратни и неосновани“.

Хајат, исто така, рече дека Израел се противи на препораката од извештајот дека Израел треба да соработува со меѓународната истражна комисија на ОН, која се обидува да ги истражи потенцијалните воени злосторства од сите страни. Тој ја обвини истрагата дека е непријателска кон Израел.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го критикуваше генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш што не го свика Советот за безбедност за да разговара за наодите на истражниот тим и да го прогласи Хамас за терористичка организација. Тој ги обвини ОН дека „се обидуваат да ги замолчат извештаите за масовни силувања“.

Портпаролот на ОН Стефан Дужарик рече дека Гутереш „целосно ја поддржал“ работата на г-ѓа Патен при нејзината посета на Израел. „Генералниот секретар не направи ништо за да го спречи објавувањето на извештајот“, изјави Дужарик. паг/

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан