• понеделник, 23 декември 2024

ОН бара Велика Британија да го преиспита Законот за Руанда

ОН бара Велика Британија да го преиспита Законот за Руанда

Њујорк, 23 април 2024 (МИА) – Двајца високи функционери на Обединети нации денеска ја повикаа Велика Британија да го преиспита планот за префрлање на барателите на азил во Руанда, предупредувајќи дека потегот ќе има штетно влијание врз човековите права и заштитата на бегалците.

Во заедничката изјава на Високиот комесаријат на ОН за бегалци, Филипо Гранди и Високиот комесаријат за човекови права на ОН, Волкер Турк ја повикаа Велика Британија наместо тоа да преземе практични мерки за справување со нерегуларните текови на мигранти и бегалци.

Новиот закон означува уште еден чекор подалеку од долгата традиција на Велика Британија за обезбедување засолниште за оние на кои им е потребна, што исто така ја прекршува Конвенцијата за бегалци, посочи Гранди.

Тирк, кој претходно го критикуваше планот, наведе дека законот „сериозно го поткопува владеењето на правото во Велика Британија поставува опасен преседан на глобално ниво“.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за британската Влада, но според критичарите планот за депортирање на луѓе во Руанда наместо да се работи со баратели на азил во Велика Британија е нехуман.

Според политиката формулирана пред две години и договорена со Руанда, секој барател на азил, кој илегално ќе пристигне во Велика Британија ќе биде испратен во Руанда. Тоа ќе важи и за оние кои поднеле барање за азил во Велика Британија и никогаш досега не стапнале на африканскиот континент.

Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, изминатите години стигнаа до Велика Британија поминувајќи го Ла Манш со мали чамци, а организирани од бандите шверцери на луѓе.

Горниот дом на Парламентот вчера го усвои Законот за Руанда со кој се овозможува испраќање на илегалните мигранти во Руанда, каде ќе се обработуваат нивните барања за азил во Велика Британија.

Британскиот премиер Риши Сунак, по усвојувањето на Законот за Руанда, посочи дека „ништо нема да ни застане на патот“ и оти авионите за африканската земја ќе полетаат за 10 до 12 недели.

- Донесувањето на оваа значајна легислатива не е само чекор напред, туку суштинска промена во глобалната равенка за миграцијата. Го воведовме предлог-законот за Руанда за да ги одвратиме ранливите мигранти од опасни премини и да го скршиме бизнис моделот на криминалните банди кои ги експлоатираат. Донесувањето на оваа легислатива ќе ни овозможи да го направиме тоа и многу јасно ќе ни даде до знаење дека ако нелегално дојдете овде, нема да можете да останете, посочи Сунак.

Откако Законот за Руанда ќе добие кралска согласност, што се очекува во наредните денови, ќе започне процесот на ратификација на договорот подготвен со Руанда. ми/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан