• недела, 17 ноември 2024

Од ОУ „Добре Јованоски“ во Прилеп велат дека нема дискриминација на децата од ромска националност

Од ОУ „Добре Јованоски“ во Прилеп велат дека нема дискриминација на децата од ромска националност

Прилеп, 14 март 2024 (МИА) - Менаџментот и наставниот кадар од најголемото основно училиште во Прилеп „Добре Јованоски“, категорично отфрла дека прави дискриминација на децата од ромска националност, ниту пак правеле сегрегација, нагласи директорката на училиштето на денешната прес-конференција. Инаку, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила индиректна продолжена дискриминација која довела до сегрегација на ромските деца врз основа на етничката припадност. Претставката до Комисијата била поднесена од родители од ромска националност дека родителите на деца од македонска националност вршеле притисок врз менаџментот да ги одвојат нивните деца од другите.

-Најодговорно и категорично отфрлам дека правиме дискриминација. Ги демантирам наводите дека децата кои не биле Роми добивале поквалитетна настава која им ја загрозувала можноста за идно, понапредно образование на оние од ромска националност. Секое дете за нас подеднакво е значајно. Наставниот кадар е професионален и има еднаков пристап кон секое дете без исклучок, изјави Панде Николоска, директорка на ОУ „Добре Јованоски“ во Прилеп.

Во училиштето признаваат дека има природна сегрегација поради иселувањето, но и ситуации родители да внесуваат друга адреса во личните карти за да го презапишат детето во друго училиште. Се бара МВР да обрне внимание.

-Откако сум во ова училиште, а сум 15 години, родителите се обидувале преку промена на улицата на живеење да го запишат детето во друго училиште. Мора да се почитува реонизацијата според која треба да се запишуваат учениците. Ги повикувам од МВР да поведат сметка за тоа како издаваат лични карти и колку ги контролираат живеалиштата на родителите кои ги променуваат во личните карти за нивните деца да се запишат во друго училиште, вели Николоска.

Според педагогот во училиштето, Елида Ѓорѓиеска, се спроведуваат едукации, разговори, но треба целата заедница да се вклучи во решавањето на проблемите.

-За да се надмине проблемот со сегрегацијата треба да се поводи сметка во издавањето лични карти. Имаме едукации со родителите на сите ученици, ги убедуваме, но треба, сепак, да се поводи поголема одговорност и сметка и од другите структури во општината за да не се случува овој проблем, изјави Ѓорѓиеска.

Во најголемото прилепско основно училиште „Добре Јованоски“ учат 1238 ученици од кои само 185 се од неромска националност. Училиштето се соочува и со огромен процент на отсуства од наставата. ем/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан