• вторник, 12 ноември 2024

Од Нова Градишка почна ултрамаратонот во чест на Тоше

Од Нова Градишка почна ултрамаратонот во чест на Тоше

Прилеп, 14 октомври 2024 (МИА) - Во Нова Градишка, Хрватска попладнево започна 17-от ултрамаратон во чест на Тоше Проески. Четиринаесетте маратонци ќе трчаат низ Хрватска, па преку Србија, низ Македонија, сѐ до Крушево каде треба да стигнат напладне в среда, 16 октомври, на годишнината од смртта на нашата и балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески. Тоше загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Пред тргнувањето, маратонците положија цвеќиња на спомен обележјето на Тоше во Нова Градишка.

Како што објаснува Наум Капричеваски кој е дел од ултрамаратонот од неговото востановување во чест на Тоше, маратонците цела Хрватска ќе ја поминат штафетно, низ Србија ќе се возат со возила, и се очекува утре, на 15 октомври околу 13 часот да пристигнат на граничниот премин Табановце и да влезат во Македонија. Утре околу 18 часот, маратонците ќе бидат на плоштадот во Скопје, а потоа од 20 часот го продолжуваат ултрамаратонот. Ќе поминат кај Велес, Градско, Росоман, Прилеп, за на 16 октомври, в среда напладне, да пристигнат во Крушево. Во родниот град на Тоше ќе бидат пречекани од учениците од основното и средно училиште кои ќе даруваат 500 рози во чест на Тоше Проески. Крајната цел на маратонците е вечното почивалиште на Тоше Проески, споменичното обележје на Гумење во Крушево.

Маратонците вчера пристигнаа во Загреб, Хрватска. Беа пречекани од претставниците на македонското друштво, а во македонската православна црква во Загреб, ги пречека протојереј ставрофор, отец Кирко Велински и се одржа света литургија за помен на Тоше. ем/нд/

Фото: Ултрамаратон за Тоше Проески

 

 

Остани поврзан