• петок, 05 декември 2025

ООУ „Габерот“ Кавадарци: Нашата талентирана ученичка Весна Мартинова го издаде својот прв роман 

ООУ „Габерот“ Кавадарци: Нашата талентирана ученичка Весна Мартинова го издаде својот прв роман 

Кавадарци, 20 август 2025 (МИА) - Нашата талентирана ученичка Весна Мартинова го издаде својот прв роман, информираат од Основното општинско училиште „Димката Габерот“ во Кавадарци, на својот Фејсбук,  по промовирањето на делото,  во организација на  Домот на културата „Иван Мазов - Климе“, а во рамките на „Кавадаречко културно лето 2025“. 

- Со особена чест и задоволство го споделуваме успехот на петнаесетгодишната Весна Мартинова, која го промовираше својот прв роман „Трошка надеж“. Настанот беше збогатен со присуството на бројни гости, ученици, родители и љубители на пишаниот збор, кои имаа можност да бидат дел од еден  топол и емотивен книжевен настан, споделија од училиштето. 

Притоа истакнаа дека промоторката на романот,  наставничката Соња Тончевска-Костова,  со својот инспиративен осврт и длабока анализа, го истакнала значењето на делото и зрелоста на мислата што Весна ја носи во својата млада книжевна творба.

- Преку страниците на „Трошка надеж“ се чувствува искрената младешка енергија, силната волја и потрагата по светлина што ја движи нашата авторка. Овој роман претставува не само личен успех на Весна, туку и гордост за нашето училиште, кое е сведок на почетоците на едно ветувачко книжевно патување, истакнаа од училиштето. 

Подвлекоа дека настанот потврдил дека талентот и посветеноста на младите заслужуваат да бидат поддржани и афирмирани. 

- Училиштето ќе продолжи да биде поттик и поддршка за сите ученици кои се стремат кон креативен и духовен растеж. На нашата Весна ѝ посакуваме многу идни успеси и нови книжевни остварувања, а на сите ученици им порачуваме, верувајте во своите соништа, тие се остварливи, порачаа од ова основно училиште. 

Од Домот на културата појаснија дека „Трошка надеж“ е трогателна приказна за загуба, пријателство и храброст да се продолжи напред. 

- Преку патувањето на Андреа ќе откриете како љубовта, танцот и вербата во себе можат да ја победат болката. Потсетник дека светлината секогаш постои – дури и во најтемните мигови, споделија од Културниот дом. свд/вј/


Фото : Фејсбук на Дом на култура „Иван Мазов Климе“

Остани поврзан