• среда, 24 јули 2024

Од АА тврдат дека е постигнат договор за влез на партијата во Владата, од СДСМ посочуваат дека ништо не е конечно

Од АА тврдат дека е постигнат договор за влез на партијата во Владата, од СДСМ посочуваат дека ништо не е конечно

Скопје, 8 февруари 2023 (МИА) - Постигнат е договор за влез на Алијансата за Албанците во владината коалиција, согласно кој партијата во идната Влада ќе има три члена и тоа министри за правда и за здравство, додека за третиот место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација, дознава МИА од извори во АА. Според извори, пак, од СДСМ, разговорите околу новото парламентарно мнозинство се во тек и не е ништо конечно, но штом има нешто во интерес на јавноста партијата ќе информира официјално.

Според изворите во Алијансата за Албанците, партијата ќе добие и заменици министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и за одбрана, како и двајца државни секретари, од кои едниот е во Министерството за труд и социјална политика, додека вториот ќе биде дополнително утврден.

Меѓу директорските места што ќе ги добие Алијансата за Албанците се во „Пошта на Република Северна Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменици-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и ЕСМ.

Претходно, партиски извори за МИА информираа дека пред објавување на конечниот договор околу проширувањето на владиното мнозинство, лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски ќе одржи средба со сегашните коалициски партнери на која ќе ги информира што е договорено за влез на Алијансата за Албанците во Владата, пред се со Алтернативана со чии претставници се разговара за понудата за останување на партијата во владиното мнозинство.

Министерот за здравство и потпретседател на Алтернатива, Беким Сали денеска изјави дека партијата се уште нема добиено „конкретен предлог на маса“ за нејзините позиции во идната влада, додавајќи дека немаат информација за тоа што би добила на Алијансата за Албанците за приклучување кон парламентарното мнозинство, па затоа и не може да коментира кои се позициите на Алтернатива.

Според најавите по средбата со актуелните коалициски партнери премиерот Ковачевски треба да има средба и со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, со цел конечно да се прецизираат ресорите со кои ќе раководи партијата како нов владин партнер.

Извори од Алијансата за Албанците посочија дека конечниот договор за приклучување на партијата кон парламентарното мнозинство би требало да финализиран најдоцна до утре, бидејќи од петок Таравари заминува на службено патување. фф/ев/

 

Остани поврзан