• недела, 22 декември 2024

Одржана првата Ренална експертска академија во организација на Министерството за здравство и Амбасадата на Шведска

Одржана првата Ренална експертска академија во организација на Министерството за здравство и Амбасадата на Шведска

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) – Денеска во Скопје се одржа првата Ренална експертска академија на која врвни експерти за нефрологија и бубрежна нега и од Северна Македонија и од Шведска имаа можност да споделат искуства, знаења и предизвици од двете земји.

Академијата се одржува во организација на Министерството за здравство на Северна Македонија и Амбасадата на Шведска.

Амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин ја оцени оваа академија како добар почеток за воспоставување на врска помеѓу истражувачите и експертите во Северна Македонија и Шведска.

Изрази надеж дека денешниот настан ќе придонесе за изградба на една мрежа која ќе не однесе чекор понапред во продлабочување на соработката во здравството помеѓу двете земји.

Оценувајќи го напредокот во здравството во земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ интеграциите, таа рече дека спроведувањето на реформите ќе привлече повеќе инвестиции и бизнис соработки.

-Во однос на ЕУ интеграцијата, тука има многу области кои очигледно треба да се унапредат и тие реформи ќе придонесат за инвестицииите во овие земји на Западен Балкан. На пример, ние тука веќе имаме шведски бизнис интереси кои се активни во ова поле и се зголемуваат што е супер, но генерално треба многу да се направи на патот кон ЕУ и тоа ќе ги привлече инвеститорите, тоа е заеднички интерес. Ние сакаме заинтересирани за промовирање на шведските бизнис тука, но секако и вашата земја треба да привлече добри бизнис партнери во областа на здравството, порача амбасадорката.

Д-р Гоце Спасовски, проф., претседател на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи  истакна дека ваквите настани се добри со цел да се увиди до каде сме стигнати и дали бележиме напредок.

-Убави се ваквите состаноци да видиме до каде сме, да се слушне и од авторитетите во министерството и фондот за осигурување дека најскапо е да се третира, превенцијата е секогаш подобра, а нас ни треба убав регистар за хронично бубрежна инсуфициенција во некој поран стадиум со што би се фокусирале на тие што можеме да ги спасиме затоа што ние добиваме и пациенти кои се во хронично бубрежно заболување доаѓаат само за директно за дијализа. Кога би можеле многу порано да добиеме би било подобро, ама тоа не зависи од нас, туку од свеста за регуларни прегледи кај матичните, изјави доктор Спасовски.

Додаде дека во однос на системот во Шведска, имаме уште многу да подобруваме во нашата држава, но дека во однос на регионот ние бележиме добар напредок, особено во делот на бубрежна трансплатација.

На Академијата учесниците истражуваа одржливи модели на третман и превентивна нега, разговараа за упатствата и моделите за надомест за одржлива здравствена заштита, ги споделиа најдобрите практики од Северна Македонија и Шведска кои во фокусот го имаат пациентот и разменија идеи за иднината на одржливата бубрежна нега.

На денешниот настан свои обраќања имаа и д-р Хакан Хедман, претседател на Шведската бубрежна асоцијација, член на одборот на Европската федерација за бубрежни пациенти (EKPF), член на управувачката група на Универзитетскиот центар во Гетеборг за грижа која во фокус го има пациентот, д-р Андерс Фернстром, претседател на шведското здружение за нефрологија, вонреден професор, доктор, раководител на Одделот за нефрологија, Универзитетската болница во Линшопинг, д-р Питер Стенвинкел, професор, раководител на Одделот за ренална медицина, Оддел за клиничка, наука, интервенција и технологија, Универзитетска болница Каролинска, д-р Гоце Спасовски, проф., претседател на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи и д-р Фернандо Макарио, главен медицински директор, Дијаверум. свс/аа/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан