Одгледувачите на овци и кози од полошко добија совети како да спречат појава на чума кај добитокот, болест која ја има во соседните земји
- Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка (АХВ) со Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје (ФВМ) во рамки на циклусот работилници за превенција на болеста чума кај малите преживари одржа средба со сточари во Тетово. Одгледувачите на кози и овци имаа можност да слушнат кои превентивни мерки можат да се преземат со цел да се спречи појава на оваа болест.
Тетово, 18 декември 2024 (МИА) – Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка (АХВ) со Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје (ФВМ) во рамки на циклусот работилници за превенција на болеста чума кај малите преживари одржа средба со сточари во Тетово. Одгледувачите на кози и овци имаа можност да слушнат кои превентивни мерки можат да се преземат со цел да се спречи појава на оваа болест.
- Ова ни е седма работилница. Целта ние е да ја подигнеме свеста за мерките кои ги преземаме во изминатиот период од 4 месеци заради појава на болеста чума кај мали преживари или ППР, којашто се појави за прв пат во Грција во месец август, потоа Романија, но во минатиот месец се појави и во Бугарија. Нашата претпазливост е огромна. Целта ни е да спречиме внесување на вирусот на чума кај мали преживари во нашата држава и негово проширување пред сè кај овци и кај кози, којшто ги чуваат нашите фармери, меѓутоа и кај дивите овци и кози. Станува збор за вирусно заболување, коешто не се пренесува кај човекот, не е опасно по здравје на човекот, меѓутоа е опасно по здравјето на животните, кај овци и кози, бидејќи станува за вирусно заболување со висок процент на смртност, околу 90 проценти, изјави Светлана Колариќ, државен советник за храна при АХВ.
Во моментот никаде во државата нема појава на знаци за оваа болест кај овците и козите. Затоа се интензивни средбите со одгледувачите на добиток, со здруженијата на сточари и се преземаат сите неопходни мерки за да превенираме внес и ширење на овој вирус во државата.
- Јагнето е наш стратегиски извозен производ и дефинитивно како земја мораме да се грижиме, да ги преземаме сите мерки и да спречиме евентуална појава на болест. Појавата на болест би значела огромни економски загуби, а нашата бројка на овци и кози во моментот е од прилика околу 480 илјади. Би значело забрането движење, би значело нештетно отстранување, понатаму ќе се забрани извозот на јагнето како наш стратегиски производ, истакна Колариќ.
Ветеринари од ветеринарните друштва, коишто се овластени од Агенцијата за храна и ветеринарство, први се обучени како треба да ја препознаат болеста бидејќи дијагностички е многу слична со сипаници кај мали преживари како и лигавката и шап.
- Тие ги имаат сите оние неопходни податоци коишто се потребни за да направат контрола кај одгледувачите на добиток и први да не информираат за евентуална појава на знаци. Сето она што е сомнително и сето она што е пријавено до ветеринарното друштво, а ветеринарното друштво го пријавува, до нашиот официјален ветеринар е земено како мостра или е земено како сомнителен примерок, секако дека е однесено во надлежната лабораторија и до сега, фала Богу, немаме позитивен резултат. Не дека сме немале сомнителни, сме имале можност за сомнителни мостри, меѓутоа сè уште немаме никаков позитивен резултат, рече советничката.
Превентивни мерки што треба да ги преземат сточарите, се биосигурносни мерки. Најголема заштита е, секој фармер да се грижи своето стадо, да не се меша со останатите стада.
-Доколку има потреба за да се движи стадото или да се движат животните од едно до друго место, мора да има официјален сертификат или официјално едно уверение, мора да имаме легален увоз на жива стока, иако таа жива стока, да кажам овци и кози, кај овие земји, кај којшто е појавена болеста, е забранет влез, значи имаме ние решение со којашто се забранува внесот на овци, кози, како и нивни производи од Бугарија, од Романија и од Грција. Од друга страна, освен биосигурносните мерки, значи, треба самиот сточар да ги препознаат симптомите и потоа да пријави до надлежното ветеринарно друштво. Надлежното ветеринарно друштво, во случај на сомнеж, го повикува официјалниот ветеринар, се зема мостра и мострата се носи на факултет за испитување, истакна Светлана Колариќ
На ниво на државата има 4.000 одгледувалишта на овци и кози со вкупно 478.000 мали преживари. Околу 200.000 јагниња се извезуваат на годишно ниво. ас/цр
Фото: МИА