Одбележан Денот на ослободувањето на градот Штип
- Осми ноември е денот врежан со златни букви во историјата на Штип, порача во својот говор градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на 78 свечена седница во чест на Денот на ослободување
Штип, 8 ноември 2022 (МИА) - Осми ноември е денот врежан со златни букви во историјата на Штип, порача во својот говор градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на 78 свечена седница во чест на Денот на ослободувањето на градот Штип.
-Штип даде четири народни херои, Михајло Апостолски, Славчо Стојменски, Љупчо Арсов и Ванчо Прќе. Овој светол момент од историјата на Штип вечно ќе остане да се прославува и споменува, и ќе биде запаметен во меморијата на штипјани како ден на гордост и достоинство на граѓаните од овој град, рече Јорданов.
На денешната свечена седница беа доделени и признанието Осми Ноември за исклучителни постигнувања во 2022 година на групи и поединци, физички лица и организации. Претседателката на Советот на Општина Штип, Весна Карагунова-Кожинкова истакна дека советниците едногласно ја донеле одлуката оваа призннаие годинава да се додели на Никола Смилков, Трајче Цветков, Божидар Симоновски и невладината Камп едукација.
-Професор доктор Никола Смилков за исклучителен придонес во афирмирањето на Штип како уметник и ликовен педагог. Трајче Цветков општественик за постигнување во сферата на економијата, Божидар Симоновски за исклучителен придонес во развојот на музичката култура и невладината организација Камп едукација во природа Штип како најуспешна невладина организација чија работа е во функција на младинскиот активизам, вели Кожинкова.
Осмоноемврските признанија се поттик да се продолжи понатаму, сертификат за направеното и верификација за заложбите и активностите во изминатата година, порача професор доктор Никола Смилков кој зборуваше во името на сите добитници.
-Искрено ми преставува чест и големо задоволство што можам од име на наградените да ја искажам благодарноста за добиеното Осмоноемвриско признание за 2022 година. Ова признание е сертификат односно верификација на досегашните залагања и активности во областите во кои твориме. Ова е поттик за отворање на нови предизвици односно за отворање на нови хоризонти и нови активности. Се надевам дека оваа традиција на доделување на признанието ќе биде испирација на идните генерации, рече Смилков.
Осмоноемврсиките признанија се доделуваат секоја година, наградата Осми ноември се доделува на секои пет години. вдј/сст/