• четврток, 14 ноември 2024

Објавен конкурс за програмата Еразмус+ за 2024 година 

Објавен конкурс за програмата Еразмус+ за 2024 година 

Брисел, 29 ноември 2023 (МИА) - Европската комисија објави конкурс за проекти во рамки на Програмата на ЕУ за поддршка на образованието, обуката, младите и спортот во Европа - Еразмус+ за 2024 година, на кој право на учество имаат лица од земјите членки на Унијата и државите вклучени во програмата, меѓу кои е и Северна Македонија. 

Аплицирањето на секое правно или физички лице активно на полето на образованието, обуката, младите и спортот може да се врши преку националните агенции на Еразмус + или преку Европската извршна агенција за образование и култура (EAЦEA). 

Како што соопшти ЕК, со буџет од 4,3 милијарди евра за следната година, Еразмус+ ќе продолжи да ги поддржува транснационалните проекти за ученици, студенти и лица вклучени во стручното образование и обука, како и за програми за неформално образование за возрасни, за едукатори и и за млади луѓе. 

- За да се ублажи ефектот на инфлацијата врз учесниците кои учат во странство и да се овозможи широко учество, програмата ќе ги подигне нивоата на грантови за мобилност. Следејќи го истиот пристап, како и за конкурсот за 2023 година, износите на грантот за индивидуална поддршка за оние кои учат во странство ќе бидат прилагодени за 5,9 отсто за повеќето проекти за мобилност во конкурсот за 2024 година, наведува Комисијата, додавајќи дека годинава веќе беше направено едно прилагодување за 12,27 проценти. 

Како што се додава во соопштението, во текот на 2024 година, програмата ќе понуди поголеми стимулации за патувања, при што учесниците од пооддалечените области, островите или местата со недоволна железничка мрежа ќе добиваат соодветна компензација за патни трошоци. Дополнително, првпат ќе биде понудено и покривање на патни трошоци за мобилност на високото образование во рамките на Европа. 

- Активностите за соработка во рамките на Еразмус+ ќе продолжат да ги поврзуваат луѓето и организациите за да работат на четирите главни клучни приоритети на програмата: вклучување, активно граѓанство и демократско учество, зелена и дигитална транзиција, се потенцира во соопштението. 

Предвидени се средства кои ќе опфаќаат од поддршка на мали проекти на локално ниво, па до транснационални иницијативи, како што се европските универзитети, центрите за стручна извонредност и академиите за наставници на Еразмус+, како и иницијативи кои играат водечка улога во зелените и дигиталните транзиции на системите за образование и обука. 

Дополнително со Еразмус+ ќе продолжи и поддршката за Украина, преку проекти кои можат да ја поттикнат мобилноста на образованието, да им овозможат нови вештини на лицата кои бегаат од земјата, да помогнат во борбата против дезинформациите или да ја промовираат интеграцијата на бегалците во новите образовни системи. 

- Еразмус+, исто така, ќе ја продолжи својата клучна улога во промовирањето на заедничките вредности на ЕУ. Сите корисници на програмата и активностите преку кои таа се спроведува ќе се усогласат и ќе ги промовираат вредностите на човековото достоинство и права, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото, наведува ЕК. 

Вкупниот буџет на Еразмус+ за периодот од 2021 до 2027 година изнесува 26,2 милијарди евра, надополнет со околу 2,2 милијарди евра од надворешните инструменти на ЕУ. Во различните активности за образование, обука и младинска мобилност преку програмата Еразмус+ од 1987 година беа вклучени над 14 милиони луѓе. сп/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан