• четврток, 19 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
30 април 2021 (МИА)  Велики Петок Велики петок освен Велипеток уште се вика и Распет петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје. На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и “„Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете. Некои, саботата пред празникот, наречена Велика сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнијат. Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце. Во Радовиш носеле и свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носеле дома и со неа го запалувале огнот. На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат. На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата. На Велигден, рано наутро, сите брзаат во црквата да чујат Христос воскресе и да се причестат. По литургијата во црквата се оди на гробишта каде што се остава по едно јајце на гробовите, за и на мртвите да им се каже дека дошол Велигден. Уште рано наутро децата, убаво облечени, одат по куќите да го честитаат празникот за што добиваат по едно црвено јајце. Посебна радост претставува обичајот кршкање со јајцата. Притоа тој чие јајце ќе победи му го зема, му го печали или типосува јајцето на другиот што се скршило. Утрото и младоженците одат на честитање кај роднините, а девојките и ергените се подготвуваат за на оро. Со Велигден се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр. утрото пред да се оди во црквата не смее ниту да се пуши, ниту да се пие кафе. Во некои места кога домаќинот одел во црквата носел и семе од свилена буба за подоцна бубите да не можат да бидат урочени. И кога утрото се истерува стоката на пасење се допира со црвено јајце за здравје. Во Радовишко Велики Петок според записите на Зорка Делиниколова го сметаат за еден од најтешките петоци преку годината, ден кога според религијата Исус Хрисос бил распнат на крст. Затоа жените избегнуваат секаква работа. Тој ден дури не се готви ништо друго освен бел боп заради тоа што околу него не треба да се работи многу. Се верува дека истиот ден не треба ни да се јаде, а камоли да се готват било какви јадења. Многу стари жени тој ден не јадат ништо освен нафората што ја земаат во црква. Уште изутрина рано се оди на црква со китки и дарови за Христа. Дарови носи секоја жена што се таксала, а тоа може да биде платнена кошула, чорапи, крпа за лице, коприна, памучна преѓа и сл. Даровите ги остават на „распјатието Христово“ и цвеќињата на плаштеникот – оплакувањето Христово. Постарите жени остануваат во црквата преку целиот ден, а помладите жени со деца доаѓаат поручекот за да се спровираат под плаштеникот за здравје. Секој што доаѓа со себе носи цвеќе го остава своето и зема друго цвеќе. Тоа цвеќе го чуваат во ковчег за здравје. Вечерта се збира многу народ во црквата за отпевањето на Христа по кое сите го обиколуваат градот и на раскрсницата пред „Николовата фурна“ (денес не постои) луѓето се спровираат под плаштеникот за здравје. Потоа пак се враќаат во црквата, а ако некој се таксал поради болест и сл. останува преку цела ноќ во црквата за да преспие под Распјатието Христово за здравје. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан