• недела, 22 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
23 мај 2020 (МИА)  Технолошки обичаи од Гевгелиско  Правење подници (црепни) - Се ископува добра, чиста црвеница (црвена масна глина), се донеува дома и се става на некое добро место. Двa-три дена постојано се прска со вода така што сама се претвора во кал. Потоа се гази со нозе и со некој железен или дрвен стап се удира. Потоа пак се остава, се прска со вода и се покрива со вреќи. По неколку дена се пристапува кон изработка на подниците. Тој ден повторно се меси и се одделуваат толку топки колку што отприлика се мисли да се прават црепни. Местото на кое се прават подниците мора да е рамно и заштитено, од ветер и сонце. Одделениот дел од калта за една подница се исплескува, се прави како погача потоа тоа се витка се исправува и се дотерува кој како знае. Тој дел од подницата се вика крашник. Кога подницата (црепната) е готова на средината се прави крст, а тука каде што се сечат правите линии се забодува еден пердув од кокошка. Некои покрај пердувот ставаат и главица од лук за некој да не ги урочи црепните па да испукаат.- Црепните се сушат во сенка. А се прават и големи црепни за леб и мали за погачи. На подниците крашникот им го витка прајасана жена (што престанала да раѓа) зашто инаку би испукале. Подниците за леб се продаваат по 2-3 гроша, а подниците за пугачи и литургии по еден и половина до два гроша. Кога во една црепна еднаш ќе се испече леб тогаш таа се чува на чисто како и ношвите. Греота е да се седи на црепна или таа да се остава на нечисто место. Вапцување (боење) - Во последно време се повеќе се напушта старото вапцување и се повеќе боја се купува од дуќаните или пак преѓата ја даваат на бојаџиите тие да ја вапцуваат. До пред 15 години вапцуваа: црно, жолто, каветузлија (браун), џивизлија (ореова или костенова боја) итн. Тоа сето се правеше со помош на билки, а притоа се користеше стипса. Овде ќе го опишеме старото вапцување. а) Црна буја. - Оваа боја се добива од гранките на дивите лешници. Се берат зелени гранки па добро се варат два сати во вода во која има растворена стипса. Потоа во водата се става и зелена галица и ситно истолчена згура (кога железото се загрева на оган, каде што работат ковачите, се собираат ситни остатоци од железото и тоа се вика згура). Преѓата ако е волнена најпрвин се става во студена вода, потоа се спушта во казанот и одма се симнува од оганот. Откако ќе се симне од оганот откако добро ќе се притисни преѓата целата да се потпи во бојата се покрива со една вреќа и се остава два три сати да престои во котелот. Потоа преѓата се вади од котелот се провлекува низ студена вода и се обесува да се суши. Свилата црно се вапцува со помош на кора од калинка. Процедурата е иста како и при првиот пат само што кората од калинка мора добро да се иситни. Свилата прво се потопува во растворот од стипса за добро да ја прими бојата. б) Жолто. - Жл’то се вапцува со помош на цветот од жолта млечка, или со помош на тревата бујанка, која расте по полињата. Кога жолтата млечка добро ќе расцути се собира цветот и се суши. Потоа тој цвет се става во котел и се вари и на погоре опишаниот начин се вапцува жолта преѓа. в) каветузлија (браун) - Оваа боја се добива од кора од орев и од жили. Ова се вари во казанот во кој се раствора стипса и зелена галица потоа се бои. Се бои и со брокје кога се сака да се добие жолтеникава-црвенкаста боја (портокалова). Некои при боењето додаваат и корења од троскот (пиревина). Свила бојат само во брокје. г) Пардии. Правење леси од трска. - Со оваа дејност се занимаваат луѓето што живеат околу Арџанското блато, но и околните села, особено луѓето од Мачуково. Треската што расте во блатото, се бере, се чисти од листовите и се суши. Потоа се одвојуваат послабите и пократките трски од подолгите и подебелите. Потоа од првите се прават потесни и пократки пардии долги 1,50 метри и широки 75-80 сантиметри, а од подобрите и подолгите поголеми по 2,50 метри должина и 4-5 метра ширина. Овие, првиве пардии се употребуваат за свилени буби, а овие другиве за крововите на куќите, по кои се ставаат ќерамиди. Пардиите ги прават вака: се земаат два струка рогоз и се врзува јазол на крајот како кога се продолжуваат. Сега на тој јазол се става трска по што струкот од рогозот што бил од горната страна се свиткува преку стеблото надолу, а струкот од долната страна се завиткува околу другата долна половина на стеблото кон горе. Сега се зема друга трска, која се става паралелно со првата па пак сега долниот струк кој пред малку бил горен се свиткува нагоре, а горниот надолу. Ова се така се прави додека не се направи пардијата. На крајот двата струка се врзуваат, за трските да не се одвојуваат. - Една пардија што е долга 1,50 м. така се преплетува на 4-5 места. Една таква пардија се продава за 5-6 метални пари. А тие другите за кровови се продаваат на аршин. Еден аршин чини еден грош. Пардии прави секој кој има трска. Пардии се прават и од прачки од дудинка. Тие од прачки се употребуваат за огради. Мелење шарлаган. - По реките има воденици кои мелат сусам и праве шарлаган. Откако ќе се собере и ќе се исуши сусамот, тогаш се здружуваат по двајца, тројца (зашто мора одеднаш да се мелат 80-90 ока, не може помалку како ни повеќе од 100 ока), и собираат едно кило (осум кутли, или 80-90 ока) и тоа го носат на воденица. Тука сусамот се пече во фурна (слична на онаа во која се пече леб) и кога ќе се олади се мели на камен. Пред печењето сусамот мора да се чува во саламура (т.е. солена вода). Кога сусамот ќе се сомеле се добива тараун или таан (тур.) црна материја, која прво се пече во специјален казан, а потоа се тура во една голема вреќа или арар од козја волна и под притисок се цеди шарлаганот. Шарлаганот е добро масло, со спецјален сусамов мирис. Шарлаганот е единствено масло што се употребува по селата. Оној остаток што останува во вреќата при цедењето се вика кјуспе и се дава на стоката за исхрана. Кога кјуспето е пресно т.е. свежо го јадат и луѓето. Шарлаганот и кјуспето потоа се делат на толку делови кој колку кутли дал сусам. Ако некој дал три кутли, добива три дела, ако дал 5 добива пет дела.- Таа вечер кога се мели сусам и кога се цеди го чуваат ступани (газди) и тие тогаш прават алва. За една партија сусам се вели един нибет. Кога тарунот се става во казанот да се пече му се тураат две стомни (околу 10 ока) шарлаган за да може тарунот добро да се испече. Ова се вика маја. Ова го дава воденичарот, но после кога ќе се исцеди шарлаганот, воденичарот повторно го одделува тоа што го дал за маја. Освен овде наброените технолошки обичаи, луѓето уште прават за своите куќи: плитари (ќерпич), ќерамиди, разни алати, како што се: разбој, рудајн, вртешки, тетиви, кои ги прават од црева итн. Ваглин правејне (ќумур). - Се берат тенки дрва, младикји, од нив се прави стог, кој добро се покрива со лисје и земја, па се потпалува. Поради нецелосно согорување зашто стогот е добро покриен со земја, се добива ваглин. Плитар (ќерпич). - Се ископува земја, потоа добро се иситнува, се наквасува и посипува со слама, така што сламата се губи во калта. Потоа калта се става во специјален калап, за пет плита, добро се рамни, така што калта да биде еднаква по височина со калапот, потоа калапот се извлекува и на земјата остануваат пет плитари. Сега калапот повторно се става на земјата, со една крпа се исчистува од блатото, што останало потоа повторно се полни со кал, повторно калта се рамни со калапот и повторно се исвлекува нагоре. Тоа така се повторува колку што треба. Кога плиќето малку ќе се исушат тогаш се собираат во куп за да се исушат добро и потоа се употребуваат за ѕидање. Ќирамиди. - Плитари се прават од било каква кал но ќерамидите од чиста вардарска глина. Со овој занает се занимаваат само жителите од Сехово и Ѓавато зашто нивните села се покрај самиот брег на Вардар. Се прави кал без никакви додатоци, а кога добро ќе се измеси тогаш се пристапува кон правење на ќерамиди. Калта се тура во специјални калапи, квадрати кои на едната страна се малку потесни, се рамни и потоа калапот се превртува на една тесна штичка. Блатото паѓа на штичката, така во формата на калапот и потоа со помош на таа штичка се пренесува на гумното да се суши. Додека ќерамидата се пренесува таа ја добива и својата форма. Така свиткана во форма на полуцевка се исушува по што се пече во специјална печка. И плитарите и ќерамидите се продаваат „на илјада“ плитари по 80, а ќерамидите по 160-200 гроша. Тетива. - Тетивите ги прават од овчи црева. Наесен кога колат марии за пастрма цревата добро ги чистат во студена вода и од едно или две црева што зависи од должината и дебелината на тетивата ја прават тетивата. Најобичните тетиви се од 6-8 ката (усучени црева), долги 5 аршини. Кога усуканата тетива ќе се исуши се мачка со лук, за да не ја јадат глувци потоа се витка во котури се чува до употребата. - Цревата за тетивите не смеат да се мијат во топла вода зашто тогаш тетивите ќе се кинат. Тетивите ги употребуваат за бубаќ стивасајне (дрндање памук), а децата и за панда. Една тетива се продава по 4-6 метални пари. Од книгата на Стефан Тановиќ, Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази, Београд 1927 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан