• понеделник, 23 декември 2024

Обвинителството даде завршни зборови за предметот „Софтвери“

Обвинителството даде завршни зборови за предметот „Софтвери“

Скопје, 13 мај 2023

Jавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кој постапува во предметот познат во јавноста како „Софтвери“, вчера во Основниот кривичен суд – Скопје ги даде завршните зборови. Притоа истакна дека доказите што ги изведе обвинителството во текот на главната расправа, но и оние предложени од самите обвинети, надвор од разумно сомневање ги докажаа дејствијата што им се ставаат на товар на обвинетите.

Преку анализа на сите изведени докази, јавниот обвинител во целост ги прикажа настаните опфатени со предметниот обвинителен акт.

„Сите четири предметни постапки за јавни набавки за кои одлуките ги носел првообвинетиот се незаконски спроведени и доколку не се водеше оваа постапка софтверот, системот, кабините и камерите ќе останеа засекогаш заборавени, а парите на граѓаните сепак потрошени“, истакна предметниот јавен обвинител. Доказите изведени во текот на постапката го потврдуваат обвинителниот акт со кој првообвинетиот се товари дека нерационално, неекономично и непродуктивно потрошил 17.474.137,00 денари пари на граѓаните со цел да ги впаричи својот патент и системот од неговата докторска дисертација.

Притоа, иако секоја од постапките за јавни набавки се различни помеѓу себе, во три од нив склучени со различни оператори, само едно правно лице било погодно за сѐ и ги имало или пак можело да ги набави токму оние стоки за кои биле склучени предметните договори за јавни набавки – правното лице чиј сопственик е четвртообвинетиот – човек што уживал најголема доверба кај првообвинетиот и каде завршувале голем дел од паричните средства од предметните јавни набавки.

Во однос на второто правно лице, јавниот обвинител истакна дека се работи за субјект основан непосредно по стапувањето на функција на првообвинетиот, кое освен со Владата склучувало договори за јавни набавки и со други државни институции. Од меѓусебната комуникација на обвинетите, обвинителството докажа дека зад овој субјект стои првообвинетиот, додека четвртообвинетиот е само формален сопственик.

„Покрај незаконитите постапки за јавни набавки, во текот на главната расправа, обвинителството докажа дека дел од обвинетите ангажирани со фиктивни авторски договори, за работи што воопшто не ги извршувале, примале парични средства на име хонорар од кои, во зависност од договорот со првоосомничениот, дел му ги давале нему. Со потпис на првоосомничениот, на име хонорар, биле исплатени вкупно 1.320.000,00 денари, пари на граѓаните, од кои пари со помош на петтообвинетата, завршиле во џебот на првообвинетиот“, истакна предметниот јавен обвинител во завршните зборови.

Јавното обвинителство побара од судот, при определување на видот и одмерување на висината на кривичните санкции, да ги има предвид сите олеснувачки и отежнувачки околности што стојат на страна на секој од обвинетите.

Кај првообвинетиот судот како отежнувачки околности да ја земе предвид упорноста во извршувањето на кривичното дело, неговото однесување во текот на постапката и непочитување како на обвинителството, така и на судот, како и тоа што во текот на целата постапка не изрази каење за стореното дело, туку напротив вината ја бара во јавното обвинителство и судот, дури за да го прикрие претходно стореното, во текот на постапката стори и ново кривично дело. Во однос на останатите обвинети, јавниот обвинител предложи судот да цени дека сите обвинети биле свесни за противправноста на дејствијата што ги преземале, но сепак се согласиле и опстојувале во нивното извршување. Воедно, како олеснувачки околности обвинителството истакна дека судот треба да има предвид дека сите обвинети досега не биле осудувани. Потенцирајќи дека обвинетите се млади личности, дел од нив со оформени потесни семејства и малолетни деца, кои околности ги имале и при извршување на кривичните дела што им се ставаат на товар, но во ниту еден момент не ги поколебало да ги сторат истите, јавниот обвинител укажа дека овие околности судот треба да ги цени како отежнувачки, а не како олеснувачки.

Имајќи го предвид сето искажано во завршните зборови, обвинителството му предложи на судот обвинетите да ги осуди на казни соодветни на сторените кривични дела, со што ќе влијае како на специјалниот, така и на генералниот план на превенција.

Во исто време, јавниот обвинител предложи на двајцата универзитетски професори да им биде изречена и казна – забрана за вршење на професија, дејност или должност со образложение дека професорската професија е една од оние професии во кои граѓаните и општеството треба да имаат сигурност и доверба, а во случајов двајцата обвинети искористувајќи го своето знаење и вештини, стекнати преку својата позиција, ги користеле за извршување на кривични дела.

Согласно доставеното имотно правно барање од Државното правобранителство на Р.С.Македонија, обвинителството предложи обвинетите да ја надоместат штетата во вкупен износ од 18.794.137,00 денари во корист на Буџетот на државата. Исто така, согласно чл.98 ст.1 од Кривичниот законик, јавниот обвинител побара од судот да конфискува имотна корист во вкупен износ од 684.603,00 денари од сметката на првообвинетиот како имотна корист што одговара на вредноста на прибавената корист од кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 в.в со чл.45 од Кривичниот законик.

Завршните зборови на дел од одбраната се закажани за 25.5.2023 во 12 часот.​

Јавно обвинителство

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива

Остани поврзан