• сабота, 18 мај 2024

Нов дијагностички центар на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија

Нов дијагностички центар на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија

Скопје, 22 јануари 2024 (МИА) - Отворен е нов дијагностички центар на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија. Со него, како што беше кажано на денешното отворање, пациентите значително побрзо ќе бидат дијагностицирани, а со тоа и побрзо третирани. 

Министерот за здравство Фатмир Меџити информираше дека дијагностичкиот центар е опремен со нова медицинска опрема во вредност од 16 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за здравство.

- Опремата се состои од столб со бронхоскоп со соодветен монитор, процесор и извор на светло, како и ЕБУС - ендобронхијален ултразвук со бронхоскоп. Посебно е значајно што со отворањето на овој центар двојно ќе се зголеми бројот на бронхоскопии и ЕХО прегледи кои ќе се вршат тука на оваа клиника, изјави Меџити.

Тој рече оти значајно е што е обезбеден ЕБУС апаратот кој овозможува да се дијагностицираат метастатски лимфни јазли. Апаратот за оваа намена со кој располагала Клиниката бил веќе стар и дотраен.

- Новиот дијагностички центар е опремен и со дигитален РТГ апарат и апарат за компјутерска томографија. За адаптација на овој простор се извршени реконструктивни зафати во вредност од 10 милиони денари, кажа министерот.

На отварањето на центарот присуствуваа и медицинскиот и организацискиот директор на клиниката, Дејан Докиќ и Суат Шаќиров. бд/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан