• петок, 19 април 2024

Нови 10 општини ќе бидат дел од програмата „Зајакнување на општинските совети“

Нови 10 општини ќе бидат дел од програмата „Зајакнување на општинските совети“

Скопје, 17 март 2023 (МИА) – Избрани се нови 10 општини кои во наредните 18 месеци ќе бидат дел од програмата „Зајакнување на општинските совети“. Станува збор за општините Кисела Вода, Студеничани, Градско, Карбинци, Виница, Дебар, Маврово и Ростуше, Гевгелија, Ресен и Ранковце, кои беа избрани преку јавен повик на кој аплицираа вкупно 28 локални самоуправи, известуваат од УНДП.

-Програмата „Зајакнување на општинските совети“ се фокусира на неколку компоненти преку кои се подобруваат капацитетите на општините за транспарентно, одговорно и квалитетно испорачување на локалните услуги за граѓаните. Советниците во избраните општини ќе имаат можност да учествуваат во Програмата за развој на капацитетите на општинските советници која вклучува обуки на вкупно 11 теми поврзани со јавен финансиски менаџмент, просторно и урбано планирање, добро управување и борба против корупција, меѓуопштинска соработка, родова рамноправност, животна средина и справување со кризи на локално ниво, соопштуваат од УНДП.

Дополнително, секоја од десетте општини ќе има можност да искористи грант во висина од 30.000 до 50.000 долари за проекти кои ќе бидат избрани низ директна консултација со граѓаните преку Форуми во заедниците. Овие проекти, во кои со кофинансирање ќе учествуваат и општините, се со цел да се подобри квалитетот на живот во локалната заедница.

-Секоја од десетте општини ќе добие финансиска поддршка во висина од 10.000 до 12.000 долари наменети за воведување дигитални алатки за подобрување на отчетноста, транспарентноста и учеството на граѓаните во работата на општинските совети, посочуваат од УНДП.

Ова е втората група од 10 општини кои ќе учествуваат во втората фаза на „Зајакнување на општинските совети“, а во наредните две години ќе бидат вклучени уште 20 општини.

Од УНДП информираат дека „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“ е програма со вкупна вредност од 6,6 милиони долари, која ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.

-Во првата фаза од програмата, која се спроведуваше во периодот 2016 – 2022 година, беа вклучени вкупно 24 општини. Покрај успешната реализација и поддршката која ја добија општините, иновативните алатки за поголема транспарентност и отчетност, креирани во рамки на програмата, ја освоија третата награда на европско ниво на Глобалниот самит за Партнерство за отворена власт кој се одржа во Сеул, Република Кореја, во декември 2021 година, соопштуваат од УНДП. ир/дма/

 

Фото: УНДП

Остани поврзан