• петок, 22 ноември 2024

Нова водоводна линија и тротоари се градат во штипско Ново Село

Нова водоводна линија и тротоари се градат во штипско Ново Село

Штип, 6 февруари 2024 (МИА) - Почна промената на водоводната линија, но и решавање на проблемот со атмосферските води на главната улица во населбата Ново Село во Штип, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој истакна дека ова е прва фаза од проектот, која ќе заврши во текот на наредните неколку дена.

-Активностите ќе завршат во наредните неколку дена, а потоа продолжуваме со уредување на тротоарските површини со поставување павер елементи и комплетно поставување заштитни столпчиња за да се овозможи слободно и безбедно движење на пешаците по тротоарските површини, вели Јорданов.

Посочи дека со втората фаза од проектот ќе се подобри безбедноста на излезот и влезот во градот Штип. Јорданов најави дека со конзоли ќе се реши и продолжи тротоарот и кон градските гробишта.

-Следната фаза е подобрување на безбедноста на пешаците коишто пешачат пред самата клисура, на излезот од градот, каде што завршува тротоарот до ДСУ „Искра“, што е еден непристапен и небезбеден дел. Не може да се изврши проширување, па ќе мора со конзолно решение да се направат дополнителни тротоарски површини за да може пешаците коишто минуваат да бидат побезбедни, изјави Јорданов.

Вкупната инвестиција на Општината за реализација на овие активности коишто се одвиваат во две фази е нешто повеќе од три милиони денари. Штипскиот градоначалник истакна дека и со подобрувањето на временските услови, сите активности ќе се интензивираат, како што се асфалтирањето на улици, уредувањето на тротоарските површини, катните гаражи, конзолите на река Отиња. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан