• недела, 22 декември 2024

Николоски: Овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени

Николоски: Овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени

Скопје, 27 март 2023 (МИА) - Ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени, бидејќи никој од нас на изборите во 2020-та година не вети дека ќе прави промена на Уставот, изјави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

- Нашиот став е јасен а тоа е дека сме против уставни измени, еве нека ги поднесат во Собрание и ќе видат како ќе поминат. Апсолутно ставот на ВМРО-ДПМНЕ е ист и е непроменет. Ставот е јасен, цврст и непоколеблив, а тоа е дека овој парламентарен состав  нема мандат за уставни измени и никој од нас на изборите во 2020-та година не вети дека ќе прави уставни измени“, изјави Николоски во гостување во емисијата „За или Против“ на Телевизија Алфа.

Тој побара распишување предвремени парламентарни избори, на кои партиите ќе кажат која е за што, па тогаш ќе се види „дали народот ќе даде поддршка за тие уставни измени“.

Според него на такви избори ВМРО-ДПМНЕ би го презентирала својот план за „почеток на преговори со Европската Унија“ и за нивно успешно водење.

Тој изјави и дека земјава не ги почнува преговорите со ЕУ, не само затоа „што Бугарија се противи на тоа“, туку поради тоа што „неколку исклучително моќни земји членки на Европската Унија“ сметаат дека не сме спремни за нивни старт „заради високото ниво  на криминал и корупција“.

Според него, доколку земјава би се изборила со криминалот  и корупцијата и би поставила добри стандарди тогаш работите би се смениле работите и ќе се зголеми притисокот врз Бугарија за да го смени ставот.

- Врз Бугарија нема никаков притисок по однос на уцените кои ги прави врз Македонија, а тоа е пред се затоа што моќните земји членки сметаат дека Македонија не е спремна за почеток на преговори за членство со Европската Унија и ја оставаат да прави што прави затоа што мислат дека државата не е спремна, рече Николоски. сп/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан