• петок, 02 август 2024

Николоски - Жасзаи: Унгарската „4iG Групацијата“ ги рзагледува можностите за влез на македонскиот пазар на телекомуникациски услуги

Николоски - Жасзаи: Унгарската „4iG Групацијата“ ги рзагледува можностите за влез на македонскиот пазар на телекомуникациски услуги

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за време на официјалната посета на Будимпешта, Унгарија, оствари продуктивна средба со Гелерт Жасзаи, претседател на „4iG Групацијата“.

Како што соопштија од Министерството за транспорт, на средбата одржана во унгарската престолнина, претседателот на „4iG Групацијата“ изразил силен интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во земјава и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија.  Како истакната регионална ИТ и телекомуникациска компанија со докажана историја во поттикнување на дигиталната трансформација во различни сектори, оваа иницијатива, се додава, е усогласена со стратегијата на „4iG Групацијата“ за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.

-Веруваме дека воспоставеното искуство на „4iG Групацијата“ во телекомуникациската индустрија, комбиниранo со нејзината стручност во регионални рамки, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар. Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и 4iG Групацијата делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество, истакнал министерот Николоски.

За време на официјалната средба, двете страни го истакнале значењето и развојот на дигиталната инфраструктура заради економски и социјален напредок.

-Усогласувајќи се со плановите за одржлив развој на Македонија до 2030 година, претседателот на „4iG Групацијата“ изрази интерес за соработка во проекти во комуникациска инфраструктура, истакнувајќи ги потенцијалните инвестиции во најсовремени технологии за подобрување на поврзаноста меѓу урбаните и руралните средини во Македонија, се посочува во соопштението.

Оваа иницијатива, се подвлекува, има за цел да го подобри искуството на клиентите, да промовира одржливост, да создаде нови можности за работа и да го стимулира економскиот раст.

-Имаме волја да придонесеме за развојот на телекомуникациски сектор во Македoнија и да поттикнеме позитивни промени преку технологијата.  Во однос на нашата амбиција за влез на македонскиот телекомуникациски пазар, во следните неколку недели ќе ја започнеме соработката со Владата на Македонија и нашата посветеност за овој процес да го формализираме во детали, истакнал Гелерт Жазсаи, претседател на 4iG Групацијата, по разговорите со заменик претседателот Николоски. 

4iG Групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија.  Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд - ONE .

Под брендот - ONE, подружниците на 4iG во Западен Балкан прават значителна трансформација и со тоа станува водечки бренд на пазарот на 5Г мобилни услуги во Црна Гора, додека ОNE – Албанија формирана преку консолидирање на албанските телекомуникациски компании станува  врвен телекомуникациски провајдер во земјата.

Покрај тековните инвестиции, 4iG Групацијата во соработка со Телеком Египет планира и инсталација на подводен кабел за пренос на податоци со висок капацитет за поврзување на Египет и Албанија.

-Овој проект може да донесе дополнителни придобивки за Македонија преку зајакнување на дигиталниот и економски раст на земјава, наведуваат од Министерството за транспорт.

Фото:  Министерство за транспорт

Остани поврзан