• вторник, 23 април 2024

Николов за МИА: На штипскиот Оддел за кардиологија му треба двојно повеќе персонал

Николов за МИА: На штипскиот Оддел за кардиологија му треба двојно повеќе персонал

Штип, 24 март 2023 (МИА) - Штипската Клиничка болница се соочува со недостаток на кадар, а на едно од најдобро опремени одделенија потребно е удвојување на кадарот. Началникот на Одделението за кардиологија, Сашко Николов во интервју за МИА вели дека со осум кардиолози, 23 медицински сестри, двајца болничари и една хигиеничарка опслужуваат пациенти од два региони во земјава. Смета дека со удвојување на кадарот ова одделение ќе функционира перфектно.

Тој посочува дека недостатокот на лекари и помошен медицински персонал се чувствува насекаде на Балканот, но и во Европа, но она што го прават македонските лекари, за да се спасат пациентите е за пример. Николов апелира на превенција, редовно да се оди на контроли, а по 45 година задолжително да се прават тестирањата, кои ги препорачуваат кардиолозите.

null

Почитувани, во Прес-центарот на МИА во Штип е началникот на Одделението за кардиологија во Клиничка болница-Штип, Сашко Николов.

Добро ни дојдовте господине Николов, во Прес центарот на МИА во Штип.

Благодарам

Раководите со едно од најдобро опремено и екипирано одделение во штипската Клиничка болница. Интервентната кардиологија ја подигнавте на ниво на Клиника во Скопје, па и како во некои приватни Клиники во земјава. Колку време и труд ви требаше, за да го сторите ова?

Моментно штипската Клиничка болница и Одделението за кардиологија располагаат со осум кардиолози и 23 сестри, кои работат интензивно на Одделението за кардиологија, двајца рендген-технолози, за жал, двајца болничари и еден хигиеничар. Да се направи еден ваков тим, да се организира една работа на кардиолошко одделение со интервентна кардиологија, со дијагностички дел кардиографија, доплер  на артерии, беа потребни многу долги години, во 2014 година кога дојдовме почнавме двајца доктори, со четири сестри. Потоа со едукација на докторот колегата со едукација на двајца нови млади лекари, кои тоа време беа на специјализација долгогодишен тренажен процес, едукација на медицинските сестри, како да се однесуваат кон пациентите, како да се грижат за пациентите, како да биде кардиолошката нега на секој пациент што ќе легне кај нас во одделението, па до моментот  на реновирање, барање на донации на бизнисмените, дел државата, помагаше. 

Се извинувам, вашето одделение се разликува од останатите одделенија. Зошто, имате ли воспотставена некаква поголема дисциплина?

Па јас сум дел од докторите коишто направија една едукација во тогашната Клиника  Филип Втори“, кај доктор Жан Митрев и генерално тој принцип на работење, на однесување на вработените кон пациентите, тој принцип на однесување на вработените кон материјалите со кои располагаме го пренесов во штипската Клиничка болница. Така да се трудиме, благодарејќи на она што помагаат болницата , менаџментот на болницата, државата и во поголем дел и самата штипска бизнис фела и на крајот и самиот јас и самите ние како персонал даваме за да направиме, за да биде сето тоа во најдобар ред. Во 2017 година кога почнавме да функционираме како посебно Одделение во штипската Клиничка болница направивме инвестиција од локалните бизнисмени од преку 20.000 евра. Тоа е барање, лично барање до мои пријатели, познаници да донираат што финансии, што делови, материјали коишто помогнаа и направивме 22 лежаи специјално за кардиолошки пациенти, опремени со пациент монитори, со перфузори, за да може да ја извршуваме кардиолошката дисциплина на највисоко можно ниво. Нормално, државата и менаџментот на болницата  на чело со сегашниот директор, Ален Ѓеорѓијев, успеавме заедно да избоксуваме и поголем буџет за кардиолошкото одделение. Генерално со бројките кои што ги остваруваме со стентирање, на интервенции, на иновации на нови интервенции, коишто ги воведуваме во склоп на нашето одделение, правиме да и самата држава и Фондот за здравствено осигурување, тоа да го увиде и да го покачува буџетот на самото одделение. Така да, од некои девет милиони денари кога почнавме во 2014 година, денеска гордо можам да кажам дека располагаме со еден солиден буџет од преку 34 милиони денари. Меѓутоа, реалната бројка со која што штипската Клиничка болница, односно кардиолошкото одделение би требало да ја има за сета работа што ја извршуваме за целиот исток, за 300 000 пациенти коишто мигрираат и доаѓаат кон штипската Клиничка болница, би требало да биде не помалку од 50 милиони денари. Така што, ние се уште се бориме, се уште правиме напори со она што го имаме да го подигнеме нивото, меѓутоа без финансии верувајте дека е многу тешко да воспоставите и да одржите високо ниво и интензитет на работа.  

null

На вашето одделение покрај тоа што ги покрива можните пациенти од Брегалничкиот регион, доаѓаат пациенти од Струмичкиот регион. Зошто?

Генерално, ние сме регионална Клиничка болница, и  струмичката Општа болница, и здравствените домови  Валандово, Гевгелија, Кавадарци, имаат можност да мигрираат кон Штип  или кон Клиничкиот центар во Скопје. Меѓутоа, како источен Клинички центар, секундарното здравство е поделено на три клинички центри, Штип, Битола и Тетово. Така што, секој од овој капацитет располага со 300 000 до  400 000 граѓани коишто мигрираат кон овие регионални клинички центри, и ние сме обврзани тие пациенти да ги опслужуваме. Сега, ако ви кажам дека со 15 милиони денари моравме да опслужуваме пациенти, другите моравме да ги праќаме во Скопје, сега со 34 милиони денари повторно имаме потреба за дополнителни средства, за да можеме да ги извршуваме сите можни интервенции, бидејќи во последните години покрај сложените интервенции на срце, коишто ги работиме во Штип, можам да кажам дека поради географската поставеност  на Штип ни треба еден час, пациентот ако е потребно да заврши за бајпас операција, хируршка операција која што е се извршува во болницата, ние нема шанси да го оставиме пациентот така,  по патот. Затоа правиме  најголем број сложени интервенции во штипската Клиничка болница успешно се завршени, се презентираат по светските конгреси и затоа се добиени соодветни награди и почести.  

Господине Николов, во штипската Клиничка болница недостасуваат сто здравствени работници, ова го потврди директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев токму овде во Прес центарот на МИА во Штип. Дали на Одделот за кардиологија го чувствувате тој недостаток на кадар, на вработени?

Апсолутно да. Јас реков дека штипска Клиничка болница располага со осум кардиолози. Кога ќе ги распоредите тие кардиолози по работни дејности, во еден работен ден и во една работна недела кој каде треба да биде, да покрива дежурства, треба да се покрива дежурна амбуланта, треба да се покрива ехо кардиоваскуларен кабинет, треба да се покрива доплер кабинет, треба да се покрива ангиографска  сала и треба да е покрива ангиографска сала којашто ќе биде 24/7. Кога видите на ова дека имате доктор, којшто еден доктор дежура на 22 тешки пациенти коишто лежат кај нас пациентите се захтевни од континуирана нега. Не може да го оставите сам пациентот во соба и двапати во текот на дежурство да го видите, вие мора да бидете 24/7 со пациентите. Од друга страна, 21-от век и времето во коешто живееме налага голем број пациенти со кардиолошки проблеми, посебно хипертензија, градна болка, сите тие доаѓаат во текот на еден работен ден, во едно деноноќие. Ако ви кажам дека после работното време, после три часот до наредниот ден по 50, 60 прегледи има еден доктор, и треба да се грижи и за пациентите кои се стентирани и за пациентите кои  се хоспитализирани во тешка здравствена состојба и на крајот на денот мора да се прегледаат сите овие пациенти, тоа со еден доктор не се постигнува. Ако разбереме на секое одделение имаме по една сестра која што се грижи за 10 до 12 пациенти на интезивниот дел, уште 12 пациенти на полуинтензивниот дел, тоа е многу малку персонал, којшто може да даде она што јас како началник го барам, од мојот персонал. Меѓутоа и со овој персонал што го имаме, ние се трудиме да дадеме максимален одговор на барањата коишто ги имаат нашите пациенти.

null

Уште колку персонал ви е потребен на одделението?

Ако се прашувам јас и ако се прашува и директорот Ален, верувам дека со двјаца дежурни доктори на кардиологија, еден ќе биде одговорен на одделение на интензивна нега, другиот ќе ја води амбуланта, по две сестри на одделение на кардиолошка и на интензивна нега две сестри, тоа значи дуплирање на персоналот. Значи, ни требаат миниум уште осум кардиолози кои ќе бидат вработените на одделението, ќе ни требат уште дваесетина сестри и за жал, ни фалат болничари коишто ќе се грижат за пациентите, како да ви кажам, здравственото лекување, не е само  докторската и сестринската работа. Голем дел бара и болничарската работа, каде што  хигиената, редот, чистењето, пренесувањето на болните, подготовката  на болните за да можат да лежат, да ги примат сите лекови  кои ние како лекари ги назначуваме, се битен дел од нашиот здравствен сектор. Кубураме со сестри, кубураме со болнички персонал, со хигиеничарски персонал, бидејќи хигиената мора да биде на највисоко ниво. Во овој момент морам да кажам сестрите, па и докторите помагаат во одржувањето  на хигиената, во одделението. Кога ќе излезе пациентот мораме да ја дезинфицираме целата сала. Ние ако чекаме на еден болничар или на еден хигиеничар тоа да го заврши,ние нема да можеме да завршиме со двајца пациенти цел ден. Затоа како излегува пациентот од сала, сестри, доктори, собираат, имаме мешани работи. Тоа не би требало да биде така, затоа што пак од друга страна докторот ќе не може да се посвети на останатите пациенти како што треба. Во овој момент на кардиолошкото одделение со дуплиран персонал би биле пресреќни да работиме како што треба, како што налагаат. Конкретно, имав конгрес пред месец дена во Прага, каде што разменувавме работно искуство со колегите од Европа и истото се случува во Германија, во Франција и во Австрија, во Чешка конкретно фали персоналот. Меѓутоа кога кажав со колкав персонал, на колку интервенции работиме во Штип, тие се фатија за глава, заради тоа што ние со многу мал персонал извршуваме огромен број интервенции, прегледи, хоспитализации, и огромен број на завршени  успешни излекувани пациенти

Во 2016 година имате изјавено, а тогаш сте биле релативно млад тим дека во таа година сте имале интервенции на над 1 000 пациенти, околу 300 пациенти сте вратиле во живот, а за над 200 не сте дозволиле да бидат во ситуација да бидат враќани во живот. По седум години, дали бројот на интервенции е зголемен на ова одделение?

Почетокот беше со три до четири коронографии на ден. Имавме закажано три пациенти и уште еден инфаркт во просек, значи работевме на четири интервенции на ден. Имавме некаде околу 15 до 25 стентирања месечно, во просек. Минатата година со тоа што еден месец  апаратот ни беше надвор од функција, и се расипа цевката, ја завршвиме со 750  стентирања и околу 2000 коронографии. Значи, од 2000 коронографии, 700 пациенти беа стентирани, останатите 1 300 биле делумно  за операции, околу 300 отидоа за операција, бајпас, на валвула, коронарни артерии нешто што не е  светските протоколи за интервеници, тие одат на операција. Што значи, триплиран е бројот во однос на состојбите до 2016, заради тоа што со директорот успеавме да го зголемиме буџетот на одделение, да го триплираме бројот на материјали, бројот на стентови и квалитетот на стентови со којшто располага кардиолошкото одделение во Штип и го зголемивме бројот на пациенти, односно од некои десет што беа само во интензивниот дел сега веќе имаме 22 легла, каде што буквално и бројот на пациенти за прием и испис е зголемен. Со тоа што е зголемен и бројот на вработени во кардиолошкото одделение. Меѓутоа од 250 до 300 стентирања сега годинава завршивме, со тоа што пак  ќе кажам еден месец не работеше апаратот и повеќе од еден месец, два месеци, цел октомври, цел ноември не работеше апаратот, завршивме со 750 стентирања за 2022 година, а 2023  се надевам дека ќе биде уште подобро.  

null

Имаше најава за нов апарат, за каков станува збор?

Штипската Клиничка болница 2011/2012 година доби апарат шимацу и со истиот апарат ние го започнавме работењето и стартувањето на итервентната кардиологија во Штип, и апаратот после долги 10 години работење, се сменија три или четири ренген цевки, тоа се потрошен материјал коишто после одреден број на експозиции се троши, се расипува. Дојде време и  денеска добивме нов апарат тоа е сименс, класа. Искрено пресреќен сум што е веќе монитиран и е во реновираниот дел на ангеографската сала. Успеавме со пријатели да ја бојадисаме, да ставиме ново осветлување, да поставиме соодветни камери за да може целата таа работа во салата да биде поедноставна за сите и апаратот е веќе намонтиран. Чекаме на 22 април ќе дојдат сервисерите од Германија а да го инсталираат софтверот и на 23 април би почнале со работа со новиот апарат, за којшто сум пресреќен што штипската Клиничка болница успеа да го добие од самата држава.

Пациентите сега каде се праќаат, во Скопје ?

Моментно јас имам соработка со Општата болница Струмица каде што имаат интервентен апарат каде што работиме. Јас одам таму двапати неделно, после работа или после дежурство одам во струмичката болница. Генерално пациентите што се селективни ги работиме во Струмица, а сите акутни ги праќаме во Скопје, бидејќи не можеме да ги чуваме пациентите во Штип  што се за итна интервенција, ги препраќаме во соработка со Клиниката за кардиологија, којашто секогаш ни стои на располагање и „8 Септември“ каде што почнаа да работат и тие, прифаќаат и тие наши пациенти. Соработката меѓу интервентните кардиолози во државата ни е на највисоко ниво.  Сите клинички центри, Штип, Клиника за кардиологија Скопје, „8 Септември“, Тетово, Охрид, имаме прекрасна соработка, се поддржуваме и се надградуваме. 

null

На одделението правите стентирање, но и коренографија, може да објасните што значи стентирање, а што коренографија.

Еден пациент да стигне до стентирање, еве прво ќе почнеме од таму, првин тој треба да има симптоматологија да му се направи ЕКГ, првата и основа работа  да се направи ЕКГ, да се дијагностицира ЕКГ, да се увиди дали има потреба од понатамошно испитување и да нема и да има пациентот мора да добие ехо кардиографски преглед каде ќе се процени работата, функцијата на срцевата мускулатура, функционирањето  на валволите на срцето. Потоа ќе се направи доплер  на вратните артерии, на ножните артерии да се процени квалитетот на истите и доколку сето ова помине во добар ред, не најдеме некоја поединечна патологија во овие работи, пациентот го праќаме на неинвазивно испитување, тоа се вика коронарен стрес тест, којшто фактички претставува стручно кардиолошко мониторирање на срцевата работа при максимален физички напор.Стрес тестот ако покаже дека е негативен, тогаш тој пациент не се праќа за понатамошна интервентно испитување, како што е коронарографија. Доколку овие тестови покажат, ехото каже дека срцето е проширено, дека срцето е ослабнато, дека не работат валвулите, тој пациент не е подобен да го ставите на стрес тест, тој оди директно на тоа тн. дијагностичка коронарографија каде што преку артериите на раката ние стигнуваме со посебни катетри , тоа се цевки преку кои пуштаме средство во крвните садови на срцето и правиме директна визуелизација пуштаме контрас, контрасот ги расорбира зраците, преку  кои ние гледаме слики како изгледаат крвните садови, проценуваме дали има стеснување или нема стеснување. До овој момент се вика селективна коронарографија. Доколку видиме дека имаме стеснување на коронарните артерии,  продолжуваме со интервенција и ова се нарекува дел од стентирање  на коронарната интервенција. Така што, една  дијагностичка коронарографија може да заврши со дијагностика  каде што ќе видиме дека имаме уредни садови нема потреба да се става стент и тоа се вика уредна дијагностичка селективна коронарографија, а доколку селективната кореографија ни покаже дека имаме стеснување на крвните садови, тогаш продолжуваме со интервенција каде што ставаме тенки жици во коронарните артерии и потоа ги аплицираме стентовите. 

Малку поедноставно кога пациентот доживува срцен удар?

Ако доживее пациентот срцев удар значи здравството карахирало. 

Има ли мал или голем срцев удар, така велат пациентите?

Постои срцев удар во која било форма. Значи дали е мал или голем, срцевиот удар е запушување на прототок на крв низ дадена коронарна артерија односно срцева артерија. И тоа пациентот го доживува, изразува со многу изразена силна болка дури се собира во природна позиција,  му се менува дури и ликот на лицето. Лицето се грчи и не можете да го препознаете тој пациент од таа силна болка што ја има во градите. Меѓутоа, многу често болките кај дијабетичарите не се манифестираат со таков јак интензитет. Тие се позамаскирани заради дијабетската невропатија, која што ја имаат дијабетичарите и таа болка може да се јави како некоја стегливост, гушење, болки во рамењата, болки во вратот, болки во вилицата, болки во епигастриумот, или народно што викаме подлажичката или болки во двете подлактици. Некогаш болки во листовите во нозете и овие симптоми се веќе знак дека веќе тој пациент мора да добие кардиоваскуларно иследување. За жал, во нашата држава, не само во нашата држава, во целиот Балкан, превентивната медицина е на многу ниско ниво. Тоа значи дека едукацијата, цивилната едукација на цивилите во здравствената состојба е на многу ниско ниво. За среќа и за жал, ние повеќе се замараме  со политиката, се замараме со економијата, се замараме со општествените проблеми, а многу малку вршиме едукација во медиумите преку вас медиумите, а и ние како лекари многу малку имаме време да поттикнеме некаква едукација на пациентите за превенција. Главната цел во здравството, главната заклетва што ја даваме, Хипкратовата заклетва да го зачуваме здравјето, а не да го лекуваме. Така да, апелот е ние треба да си вршиме кардиоваскуларни прегледи да си правиме коронарни стрес тестови. 

На колку време треба да се прават овие тестови?

Па една здрава индивдуа треба над 45 години двапати годишно треба да направи кардиоваскуиларен преглед, да се види срцето, да се види доплерот на артерии, да се видат крвните садови на екстремитетите и да се направи коронарен стрес тест. Конкретно 30 посто од стрес тестовите во Штип излегуваат  позитивни. Од 100 направени 30 се позитивни за конорарна болест, што значи  30 луѓе од 100 пациенти кои направиле стрес тест, 30 пациенти завршиле што на стентирање , што на операција. Бајпас операција зборувам. Тоа е знак дека многу малку од популацијата врши превенција, односно што значи превенција што значи. Превенција значи да посетувате доктор и да си правите иследувања додека сте здрави. Кога ќе почнат симптомите веќе влегуваме во фаза на лекување, не правиме превенција. Влегуваме во фаза на лекување, и тоа значи коронарографија, значи операција, значи користење, ние докторите ги гледаме работите од медицински, економски аспект. Значи правиме трошок на државата за иследување на компјутерски снимање, кореонграфии, стентирање. Ако правиме поинтензивна превенција, да ние трошиме време и знаење на докторите, па меѓутоа го  намалуваме степенот на интервенции. На пример, имавме еден многу добар период пред пандемијата, каде што бројот на стентирани пациенти од Штип, од градот Штип беше многу помал, дупло помал  него од Кочани, Струмица, Пробиштип, Виница, Делчево, Берово. Заради тоа што штипјани имаа една навика да си доаѓаат, да се прегледуваат и да си прават одредени испитувања, кога се здрави. Пандемијата на корона вирусот направи една ситуација да пациентите долго време, две години не доаѓаа на контроли, а за време на пандемијата кардиолошкото одделение во ниеден момент не прекина со активно работење на акутни конорнарни синдроми, селективно стентирање и во време на пандемија. Со гордост ќе кажам ниту еден член од кардиолошкиот тим не се зарази од корона вирусот за време на работата. Да, фативме ние  од домашните членови на семејството којшто можеше да се зарази секој, меѓутоа ниеден член не се зарази никогаш во ниеден момент во овие две години на пандемија, не го ставивме Кардиолошкото одделение во карантин, да го затвориме заради масивна зараза, инфекција на вработените. Тоа е знак дека работевме тимски, работевме дисциплинирано, се почитуваа препораките за носење макси, визери за време на преглед на пациентите. И ден денеска се уште нашите пациенти кои ќе влезат во Кардиолошкото одделение мора да носат маска. Лекарот,  сестрата,  мора да носи маска додека е со пациентот, и можеби тоа ќе остане една навика понатаму.  

null

Вие, но и останатите лекари велат дека една од причините за срцев удар кај пациентите е стресот, но како во време кога сите некаде итаат и се борат за егзистенција да го намалат тој стрес?

Јас мислам дека тој што ќе најде лек за стресот ќе добие Нобелова награда за измислување на таков лек. Ние, имаме една желба да се надградуваме и да се натпреваруваме. Самата таа желба бара амбиција, амбицијата бара жртва. Жртвата на слободното време, жртвата ни е одморот, жртвата ни е исхраната , жртвата  ни е  напорот  што го вложуваме за да направиме да имаме подобро утре од денеска. Сите ние сакаме да носиме подобри и поскапи алишта, сакаме да купуваме понови телефони, да возиме понови коли, да живееме во поголеми станови или куќи, тоа е една желба која што не става нас во еден континуиран  стрес каде што ние секогаш се стремиме кон повеќе и велат човечкото око е секогаш незаситно. Конкретно јас сум таков, кога ќе седнам на маса, ако не ми е полна масата со јадење како да не сум јадел. Јас ќе изедам многу малку, меѓутоа ако ми е празна трпезата ми е проблемот. Денеска од работа брзав за интервјуто, тоа е стрес, потоа барав паркинг и тоа е стрес, дојдов беше заклучена вратата, вие во друг ангажман, а за мене беше стрес. Разговараме за прашања сега, а наредното не знам што ќе биде и сето тоа е стрес. Ние не можеме да го избегнеме стресот, да живееме со стресот, меѓутоа ние можеме да ја превенираме појавата на кардиоваскуларните  болести, со тоа што ние веќе сме се навикнале да живееме во стрес, само треба да имаме кардиоваскуларни контроли и превентиви. Така да, здравството и самата држава, па и политичарите мора да имаат слух дека здравствениот систем е на многу тенки нозе. Точно е дека голем дел од кадарот се сели во приватен сектор. Голем дел од кадарот се сели надвор од државата, за подобри услови. Меѓутоа повторно ќе кажама дека платите во државното здравство се на достоинствено ниво, не се како што беше на времето. Многу подобри се платите. Условите се се уште тешки. Правиме напори од петни жили за да го одржуваме овој систем. Да доаѓате на работа каде што вие треба секојдневно да се молите да не се расипе некој апарат, па потоа каде ќе најдеме средства за да го решиме тој проблем, или  персонал,  не дај боже некој да се разболе, да земе боледување, веќе се руши целиот систем, бидејќи се е избројано до детал кој човек, каде треба да работи.  И еден да го снема од работната позиција, во даден момент имаме проблем, треба еден да работи за двајца. 

Имавме ковид пандемија и низа на здравствени последици кај пациентите. Европското здружение на кардиолози, дали има истражување какви постковид последици ни донесе овој вирус? Се зголемија ли срцевите удари, интервенциите?

Многу, срцевите удари се зголемија за трипати повеќе од претходно. Инфрактите на белодробието, ако сме имале по 20 пациенти годишно, сега имаме по 15 месечно, тие што ги евидентираме и нотираме. Инфаркти на долни екстремитети, заболување на крвните садови на нозете пута четири, тромбоза на длабоките вени на површните вени, масовно зголемено. Тромбоза на цревни артерии, огромно зголемување, појава на мозочни инфаркти кај млади луѓе зголемено за  петпати. Сето тоа е резултат на пандемијата. Пандемијата кога почна сите ние мислевме дека е вирусно заболување, односно тоа е вирусно заболување, тоа е респираторно  вирусно заболување, ги напаѓа белите дробови. Како што одминуваше пандемијата сфативме дека самиот ковид вирус влегол преку респирторните патишта, меѓутоа цел на напад му се мускулестите  дел на крвните садови. И тој прави инфламација  на крвните садови што понатаму предизвикуваат масивни пневмонии, со тромбемболии со инфаркти итн. Така да, ние  сега влегуваме во еден постковид период,  каде што кардиолозите за жал , веќе се зголемува многу работата и ќе се зголеми уште повеќе работата, каде што ние конкретно ќе имаме се поголем број на пациенти коишто ќе имаат васкуларни заболувања, не  само срцеви, збориме на аорта, на долни екстремитети на нозе, на раце, на мозокот. Голема е бројката и кај невролозите, поготово кај популацијата од 25 години, па нагоре. Мозочни удари кај млади луѓе и тоа е резултат на ковид инфекција врз крвните садови. Многу често викаме поминав ковид, ама немав симптоми. Ти си поминал ковид, немаш симптоми, меѓутоа антигенот од ковидот веќе е закотвен во крвниот сад. Прашање на време кога тоа ќе почне да прави воспаление и реакција и ќе направи задебелување, пукање на плака во  крвниот сад и на крајот инфаркт. Така да оваа ковид инфекција направи една состојба на светското здравство да сфатиме ,колку ние не знаеме за новите болести што ни доаѓаат, заради тоа што новите болести се комбинација од заболување, комбинација на вируси што напаѓаат повеќе системи  истовремено. И затоа ковид беше една состојба која што на знаевме што точно, не само во Македонија, не само на Балканот, СЗО немаше конкретен принцип како да лекуваме, ќе почнеме, ќе фатиме еден правец  па за  два три месеци ќе се појави друг проблем, па ќе  фатиме друг правец, трет правец. Протоколите за лекување на пандемијата се менуваа, за на крајот да  сфатиме деја  сега главниот напад на ковид вирусот беа крвните садови на човечкото тело и за жал невролозите, кардиолозите, васкуларците, сите медицински гранки веќе бројот на прегледи , интервенции  е тројно зголемен од пред пандемијата.  

Господине Николов да се биде кардиолог од ваш ранг потребно е постојано да се надградува, учи и да прифаќа нови методи и да знае како да ги користи новите техники, апарати. Дали на нашите лекари тоа им го овозможува македонското здравство или вие кога одите во Загреб или уште каде не, на тие стручни советувања ви помага државата, Министерството за здравство или сами си ги плаќате тие обуки ?

За да имате желба за да напредувате во својата професија, вие морате да бидете посветени на кариерата. За тоа страда фамилијата, најчесто и вашето слободно време. Од кога знам за себе во текот на денот и кога завршив специјализација, субспецијализација по два часа навечер одвојувам време, тоа е од 11 до еден да ги читам последните извештаи на СКЗО, да видам што е ново, што е старо. Секој ден, буквално секој ден во тие два часа вршам елаборирање на сето она што сме го изработиле. Тоа е еден континуиран, едукативен круг, односно комуникација и надополнување на знаење. Така да, ние секогаш правиме трудови од сето она што го сработуваме. Тие трудови ги публицираме и презентираме на светските, европските кардиолошки здруженија во Европа, во околните балкански земји и за жал сето  тоа си паѓа на наш трошок. Болницата секогаш со еден учинок скромен учинок, меѓутоа е учинок да ја поддржува оваа едукација, Значи морам да кажам дека во овие четири години, пет години имаме континуирана поддршка од   менаџментот на штипската болница, што за патни трошкови, што за дел од сместување.  Меѓутоа ако ви кажам дека една едукација е преку илјада евра, еден конгрес,  да се сместите, да бидете присутни на тој конгрес чини преку илјада евра, тоа сместување. Повторно  ќе кажам, благодарејќи на работата и сето она што ќе го изработиме ни го прифаќаат трудовите, па поголем дел од овие трошоци се покриени од страна на организаторот, на тој симпозиум и конгрес и можеме да бидеме присутни и сме присутни. Со гордост можам да кажам дека со бугарското  Здружение на кардиолози сме  веќе шест години и да не беше пандемијата ќе имавме многу добри планови како да направиме едно моќно македонско бугарско- српско здружение кое ќе настапи во Европа со своите регистри со своите трудови, коишто ги работиме.  Клиничка болница- Штип и кардиолошкото одделение станавме дел од ендоваскуларни интервеналисти,  коешто се формираше годинава во Загреб а во Хеви, тоа беше Хеви симпозиум во 2022 година во Загреб каде што станавме дел од тоа здружение и ние и тоа е биде големо здружение каде што ќе ги опфаќа и кардиолозите,  васкуларните хирурзи. Во нашава држава немаме таква група ангелози. Сите оние што работат стендоваскуларно односно стентирање артерии.  Во Србија сме редовни да не речам домаќини гости на нивните два големи кардиолошки симпозиуми на коишто се формираат двапати годишно. Франција сме секоја година присутни, Берлин, Австрија, буквално секаде каде што може да се работи, каде што се работи сложена интрервентна кардиологија ние сме со нашите трудови присутни. Целото кардиолошко здружение во државата работиме на едно многу, многу високо ниво со условите што ги имаме, а условите се доста скромни.  Ако ви кажам дека еден кардиолог во Берлин, којшто е и мој едукатор за периферните интервенции, што ги правиме на нозе, на вратни артерии на една интервенција троши, по цена на материјали од 5 до 6.000 евра. Ние на истата интервенција завршуваме со 500-600 евра и кога доаѓа кај нас во Штип и им презентираме како работиме и што се мораме да импровизираме за да ја завршиме интервенцијата по протокол, тие се чудат. Тие велат ако дојдеме ние во вашите услови, ние ќе бидеме многу лоши лекари. Можам со гордост да кажам дека квалитетот на македонските лекари, сите лекари е на многу, многу високо ниво и јас сум горд што сум дел од овој здравствен македонски систем. Меѓутоа државата мора да најде начин и да смогне сили да го унапреди финансирањето на здравствениот систем, бидејќи моментално е на многу, многу тенко ниво. Фалат кадри, фалат средства за работа, фали хигиена, фали надградување, еве апаратот што го споменавме се заменува по 13 години. Во секоја друга земја на шест, седум години се менува апаратот. Ние чекавме 13 години, трипати да ја менуваме цевката, тоа се 300. 000  евра инвестиција за да добиеме сега еден современ апарат. Се надевам дека ќе не служи долги години, за да спасиме многу пациенти.  

На крај, да ни кажете една препорака, како да си го чуваме здравјето?  

Во кардиологијата имаме една алфабета, еднаш годишно, односно  двапати годишно да се прават кардиоваскуларни прегледи, двапати годишно да се прават коронарни стрес тестови. Секој пациент којшто е над 45 години мора двапати во годината да направи ехо на срце, да направи евалуација на валволите  на срцето, задолжително да направи доплер на вратните артерии, бидејќи вратните артерии ни се слика на коронарните артерии, многу слична конституција има. Значи ако видиме калцификати на вратните артерии, големи се шансите тој пациент да има коронарна болест. Два пати во годината да го исфорсираме  срцевиот мускул под медицинско супервизорство, да направи конорарен стрес, бидејќи тоа ќе ни каже дека срцето во мирување работи добро, меѓутоа како работи и во напор. Имате многу спортисти коишто за време на напор прават инфарт. Многу велат тој трчаше, качуваше планини, но ние не знаеме како неговото срце компензирало, бидејќи тој никогаш не направил стрес тест, а конорнарниот стрес  тест ќе ни каже при напор, дали срцевиот мускул се снаоѓа за крв или добива доволни количини крв.  Така двапати во годината ехо на срце, давпати во годината заедно се прави доплер на каротидните артерии, давапти во годината коронарен стрес тест, трипати во годината да се направи комплетна лабараториска анализа, со што ќе се испитаат мастите, ензимите, шеќерот во крвта. Тоа е една убава превенција да се спречи појава на кардиоваскуларни заболувања, а какошто кажав пред пандемијата штипјани имаа помал број на инфаркти, отколку останатите градови.

Господине Николов, благодарам на разговорот.

Новинар Викторија Димитрова-Јованова 

Видео и монтажа Аслан Вишко

Фото Борис Куноски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан