• среда, 15 мај 2024

Николовски: Започна процесот за реализација на првата логистичко-дистрибутивна платформа во државата

Николовски: Започна процесот за реализација на првата логистичко-дистрибутивна платформа во државата

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) – Пред само неколку недели го потпишавме договорот и веќе започна процесот за реализација на првата логистичко-дистрибутивна платформа во државата - стратешка инвестиција што е предвидено да се простира на околу  30.000 квадратни метри и да процесуира околу 46.000 тони на овошје и зеленчук, инвестиција од околу 19 милиони евра. Оваа платформа не е само капитален градежен проект, туку симбол за промени и посветла иднина во навиките во земјоделскиот сектор и во стандардите што треба да ги воспоставиме, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.  

Средствата за изградбата на платформата се обезбедени преку Проектот за модернизација на земјоделството, финансиран со заем од Светска банка во износ од 46 милиони евра и со грант од ЕУ преку ИПА програмите во износ од 4 милиони евра. Со нив е предвидена и изградба на уште два откупни центри во Струмица и во Ресен.

-Изградбата на оваа платформа ќе даде поголема сигурност и на едно место ќе ги поврзе сите земјоделци, нудејќи им преку оваа платформа можност за пласман на нови пазари на сите нивни домашни македонски земјоделски производи.  На потрошувачите, пак, ќе им понуди безбедни и висококвалитетни производи, јакнејќи ја се повеќе безбедноста на храната и хигиенските услови.  Со изградбата се отвораат и нови работни места кои пред се би биле за овој дел од градот. Исто така, ќе помогне и во формализирањето на пазарите и ќе даде позитивно влијание врз животната средина, изјави Николовски по обиколката на локацијата во општина Гази Баба на која ќе се гради логистичко-дистрибутивната платформа. 

Нејзината изградба, како што кажа, ќе овозможи организирање и унапредување во снабдувањето со безбедни свежи прехранбени производи, поедноставен пристап до пазарот за локална свежа храна, како и логистички и други услуги за земјоделско-прехранбениот сектор за домашниот и меѓународниот пазар.  

-Како што ќе напредува низ своите фази оваа платформа ветува дека ќе го трансформира и земјоделството во поконкурено, одржливо и економски попросперитетно. Од логистичко-дистрибутивната платформа се очекува да се вклучи пазарот на големо, да биде логистичка област со капацитети за суви и ладни складишта. Воедно дава можности за подобро организиран извоз на македонските земјоделски производи, посочи Николовски. 

Нагласи дека  договорот што е потпишан со избраното консултантско партнерство е поделен во неколку фази. Првата фаза се фокусира на избор на соодветна локација на урбанистичко планирање, физибилити студија, стратешки бизнис план, проценки на влијанието на животната средина и социјалните аспекти, како и прирачник којшто ќе ги содржи операциите за платформата.  Втората фаза вклучува подготовка на главен проект и финализирање на планот за управување со животната средина и социјалните аспекти.

-Оваа фаза ќе го отвори и патот за добивање на потребните градежни дозволи, обезбедувајќи усогласеност со националното законодавството и со стандардите на ФИДИК. И еве денес токму од овде во Скопје, во општина Гази Баба каде што е предвидена изградбата на оваа капитална и значајна инвестиција започнува реализирањето токму на првата фаза од овој договор, рече Николовски и најави дека наскоро ќе бидат потпишани и договорите за изградба на откупните центри во Струмица и во Ресен. 

Трите капитални значајни проекти и инвестиции, додаде, на нашите земјоделци ќе им дадат сигурност, подобро организиран и гарантиран пласман и пазар за нашето домашно локално македонско производство. вј/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан