• вторник, 10 септември 2024

Никола Ристановски е добитник на наградата „Свети Јоаким Осоговски" на истоимениот театарски фестивал во Крива Паланка

Никола Ристановски е добитник на наградата „Свети Јоаким Осоговски

Крива Паланка, 10 септември 2024 (МИА) - Актерот Никола Ристановски е добитник на наградата „Свети Јоаким Осоговски“ што се доделува за придонес во македонскиот театар и култура на истоимениот театарски фестивал што традиционално се одржува во Крива Паланка.

Наградата ќе му биде врачена на 16-от фестивал што ќе се одржи од 28 септември до 6 октомври во „Градот на културата за 2024", на кој ќе учествуваат театрите од Велес, Винковци Хрватска, МНТ, Скопје, Вршац и Белград од Србија, Ќустендил , Бугарија и Драмски театар- Скопје, информираат од организацискиот одбор на Меѓународниот театарски фестивал "Свети Јоаким Осоговски".

Досегашни добитници на ова веќе престижно признане се: Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Шенка Колозова, Петар Темелковски, Страшко Милошевски, Јордан Плевнеш, Мето Јовановски, Јелена Жугиќ, Благоја Чоревски, Коле Ангеловски, Гоце Тодоровски, Ѓокица Лукаревски, Драган Спасов – Дац, Билјана Пројковска и други.

Никола Ристановски е актер во Македонскиот народен театар во Скопје и освен на матичната сцена настапувал и на театарските сцени во Битола, Велес и Куманово, на сцените на театрите во Белград и Подгорица.

Ристановски е добитник на голем број награди: награда за најдобар актер на Интернационален театарски фестивал „Борини позоришни дани“, Врање - Србија, 2023, награда за најдобар актер на 7. Интернационален фестивал „ОТЕЛО“ во Гостивар, 2023, награда „Александар Лифка“на 30-тото издание на Фестивалот на европски филм Палиќ, Србија, 2023, Гран при за најдобра машка улога на 18. Меѓународен фестивал на актерот, Никшиќ 2022, Црна Гора, награда за главна машка улогата на фестивалот „Нов тврдина театар“ - Србија, 2022, награда за главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, 2016, најпопуларен актер за 2016 на „Златна Бубамара на популарноста“.

Покрај тоа, Ристановски во својата долгогодишна кариера бил наградуван и со: „Златен делфин“ за најдобар актер на „Босфорскиот филмски фестивал“ во Истанбул, во 2016 година, најдобар актер на фестивалот „Пургаторије“, Тиват, Црна Гора, 2015 година, награда на фестивалот „Ристо Шишков“ - Струмица, 2012, награда за најдобар актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, истата година, награда за најдобар актер на ИССТФ, Риека, Хрватска, во 2011, бил прогласен за најдобар актер на ИССТФ, Риека, Хрватска во 2010 и награда во „Ардалион“, Ужице во 2010, година во која е носител на наградата актер за 2010 на „Златна Бубамара на популарноста“ како и бројни други награди и признанија од 1993 година до денес.

Одиграл повеќе од 50 улоги во режија на: Слободан Унковски, Егон Савин, Нина Николиќ, Јавор Грдев, Паоло Маџели, Александар Морфов, Татјана Мандиќ, Иван Поповски, Александар Поповски, Јагош Марковиќ, Љубиша Георгиевски, Срѓан Јаниќијевиќ, Синиша Евтимов, Бранислав Миќуновиќ, Димитар Станковски, Владимир Милчин, Наташа Поплавска, Сашо Миленковски, Бранко Ставрев, Ленка Удовички и Стојан Стојановски. 

Остварил и четириесетина филмски улоги и во телевизиски серии во Македонија, Црна Гора и Србија во режија на истакнати филмски режисери.

Наградата свечено ќе му биде доделена на денот на отворање на фестивалот што ќе се одржи во рамки на манифестацијата "Крива Паланка - Град на културата", а сите фестивалски вечери ќе се одржат во Националната установа Центар за култура Крива Паланка. иб/цр

Фото: МИА архива

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан