• петок, 29 март 2024

Не биле богати тие што имале пари, туку тие што имале топки катран по таваните 

Не биле богати тие што имале пари, туку тие што имале топки катран по таваните 

Кавадарци, 4 јуни 2023 (МИА) - Не биле богати тие што имале пари, туку тие што имале топки катран по таваните, вели Томе Крстевски, директор на Музеј галеријата во Кавадарци со кого заедно, по којзнае кој пат, ги разгледувавме експонатите во Музејот на мирис и вкус, единствени сведоци, дека Тиквешијата некогаш била оаза на афионот, каде се произведувал најквалитетниот опиум на овие простори.

- Во првата половина на 20 век, но и во средината, Кавадарци бил најпрочуен по производството на афион или мак. Афионовото семе, мак, се користело во кондиторската индустрија за правење на слатки. Целото растение и самата чушка, откако ќе се извади катранот и семето  од неа, се сушеле и се ронеле и му се давале на добитокот за јадење. Од семето афион се произведувало масло, по тиквешки, зејтин, или, како што го викале во минатото, шарлаган. Тиквешијата била цела преплавена со афион. Во Кавадарци имало осум шарлагарници. Тогаш, не се мерело колку пари имаат луѓето, туку колку катран имаат дома. Што постар, толку подобар и поквалитетен катран, што вреди и чини повеќе пари. Во Кавадарци имало и откупни центри за откуп на катран, за потребите на фармацевтската индустрија. Колку луѓето биле богати во тоа време, се вреднувало според залиха на катран. Проблемите настанале кога поединци, наместо на откупни пунктови за фармацијата, катранот почнале да го продаваат на црниот пазар, за дрога. Поради таквата злоупотреба, некаде при крајот на  осумдесетите години од минатиот век, дошла забрана за производство на афион. Се ограничило, на неколку места во државата, да се одгледува афион за медицински цели, раскажува Крстевски.

Катранот по таваните за да се суши од провевот 

Некогаш огромни плантажи со афион, а денеска афион може да се види само во музејот во Кавадарци. Растенија афион во афионово поле насликани на платно, а во музејските витрини чушки од афион и алатки со кои некогаш се режеле афионовите чушки. 

- Навечер оделе покасно и ја засечувале афионовата чушка, со ваква режалка. Во текот на вечерта се испуштала смола, катран. Се засечувало повторно насабајле, бидејќи испарувањето е помало. Со поголемите собирачки, бералки, се собирал катранот, опиумот. На половината им стоеле врзани сафињата. Како се струга, си потекува надолу во сафето. Така всушност се собирал катранот. Правеле топчиња од катранот, опиумот, ги мотале со листови од растенијата афион, како заштита. Така замотани, ги ставале во дрвени гајби и по таваните на куќите. Бидејќи порано таваните не биле толку херметички затворени, имало провев. Таму стоеле долго време. Што повеќе сушен, катранот бил поквалитетен. Затоа катранот се чувал по таваните, бидејќи провевот бил поголем таму, појаснува Крстевски.

Во музејската витрина може да се видат афионови чушки и своевидна гижа за помош при садење на афион и тутун. Гижата е алатка со која се буцнува во земјата и се прави дупче, за во него да се стави и засади растение афион или тутун.

Опиумот содржел  меѓу 16 и 18 морфиумски единици и бил многу баран на сите светски пазари

Во периодот меѓу двете светски војни, одгледувањето на афион претставувало најважна и најдоходовна култура во Тиквешијата, затоа што опиумот од него, содржел секогаш меѓу 16 и 18 морфиумски единици и бил многу баран на сите светски пазари. 

- Кога режевме катран се чувствуваше многу јак мирис кој дури опиваше. Тераше на спиење. Сестра ми воопшто не можеше да ја работи таа операција од афионското производство. Секогаш кога се режеше катран таа како опиена пожолтуваше, побледуваше  и се онесвестуваше. Затоа не ја носевме на режење. Иако и јас понекогаш чувствував дека ме боли главата, навечер после режење на афион. Ни велеа дека никој не смее ниту случајно да се напие од тоа, затоа што може да умре, раскажува Марија Ставрова од Неготино, присетувајќи се на времето кога во кавадаречко се произведувал афион и се режел катран.

На секоја афионска чушка попладне и ја засекувавме или режевме тенко коричката со посебно направена режалка, како специјално ноженце, раскажува Ставрова.

- Тогаш пушташе бела течност како млеко. Во посебно направена сафка, горе поширока и долу потесна, која ни беше врзана на половината, изутрината пак го стававме набраниот катран со помош на режалката. Од бел, тој веќе беше станат црн и во не толку течна состојба, во малку постврдната. Така собран, го носевме дома и го истуравме на бела покривка, па откако добро ќе го измешаше убаво од него мајка ми правеше топки. Топките ги сушеа на таванот на една штица, па ги носевме на продажба. Од селото Чемерско под планината Кожуф, во градот Кавадарци. Афионските чушки пак ги капевме, ги газевме дома во дворот. Го вадевме семето и го исејувавме за да го прочистиме, па го носевме во шарлагаџилница за од него да се направи шарлаган. Остатоците од чушките исто така се продаваа. Многу работи спечалија луѓето во тоа време благодарение на производството на катран. Но, после тоа го забранија и не беше дозволено да се реже. Дозволено беше да се продаваат само семето и чушките, вели Ставрова.

Работејќи на оваа тема, можевме да слушнеме дека во минатото, на бебињата во колевките на нивите, им ги потфаќале ноџињата со малку смола од афионовите чушки, за да спијат додека постарите работат земјоделство.

Тиквешијата го произведувала најквалитетниот опиум на овие простори

Во минатото, афионот имал значајна улога во Тиквешијата. Според историчарот Мики Камчевски, ова индустриско растение имало многу големо значење за животниот стандард на земјоделското население во земјава. Тој потсетува дека станува збор за едногодишно растение чија височина достигнува до еден ипол метар. Цути во мај или почетокот на јуни, во зависност од климата, сортата, годината и слично. Плодот е во форма на чушка со ситно многубројно семе, кое има сиво-сина или бела боја. Во млечните цевчиња на билката се наоѓа млечен бел сок, што содржи алкалоиди, но и отровни материи кои на човекот му биле познати уште пред шест илјади години. Го користеле Сумерците и Асирците против многу болести. 

- Афионот бил донесен во Македонија во педесетите години од деветнаесетиот век, од Мала Азија. Се споменува дека неговото одгледување во Тиквешијата започнало во 1842 година. Тогаш еден тиквешанец, војник во турската армија, афионското семе од Анадолија го донел во Кавадарци, во цевката на својата пушка. Сепак, во еден извештај на австроунгарскиот конзул во Солун, за почеток на одгледувањето на афионот е земена 1848 година. Историчарката Бендирева тврди дека производството на афион во Македонија започнало во 1876 година. Тогаш за прв пат афионот бил донесен во Тиквешијата, а потоа се распространил во струмичко, велешко, штипско и скопско. Според сите параметри, Кавадарци и неговата околина го произведувале бездруго најквалитетниот афион во Македонија, дециден е Камчевски, кој е професор по историја во училиштето „Тошо Велков - Пепето" во Кавадарци.

Тој посочува дека во почетокот на дваесетиот век, годишното производство во Кавадарци изнесувало 25 илјади оки суров опиум и околу 750 илјади оки афионово семе.

null

 -Според анализите на хигиенскиот завод од Скопје, во сувиот опиум содржината на морфиумските единици во скопско била 16,82, велешко 17,62, кавадаречко 18,10, овчеполско 16,78,  кумановско 17, 49, радовишко 15,93,  штипско 16,22, неготинско 16,40 проценти. Во периодот меѓу двете светски војни се до донесувањето на Женевската конвенција, одгледувањето на афион претставувало најважна и најдоходовна култура во Тиквешијата. Затоа што опиумот од него, содржел секогаш помеѓу 16 и 18 морфиумски единици и бил многу баран на сите светски пазари, истакнува професорот. 

Осум шарлагалници во Кавадарци 

Камчевски открива дека во Кавадарци постоеле осум шарлагалници кои го преработувале афионското семе и произведувале шарлаган кој имал многу јак мирис. Сите шарлагалници работеле рачно, освен таа на доктор Ѓорѓи Каламчев во кавадаречкото село Возарци која работела на парен погон. Секоја од нив претаботувала по пет илјади оки афионов зејтин. Од шеесет оки преработено афионово семе, што претставувало норма за еден работник која се викала „нобет", се добивало 25 оки зејтин и 45 оки ќуспе. Шарлаганџиите работеле сезонски и тоа од почетокот на октомври се до почетокот на мај, до верскиот празник Ѓурѓовден.

Кавадарци заедно со Велес биле најголеми производители на шарлаган во земјава. Кавадаречките шарлаганџии својот производ го продавале на пазарите во Скопје, Солун, Битола, Гевгелија и други места.

 По конвенцијата која за последица имала катастрофален пад на цената на сировиот опиум, интересот за производство на оваа култура започнал да опаѓа.

Во Кавадарци јавно се продавал опиум за уживање

Професорот Камчевски појаснува дека „нобет" е турски збор што значи норма за изработка на шеесет оки афионово семе, или 76.8 килограми. Афионското семе се ставало во каца со вода и откако добро ќе се измиело, се цадело и се ставало во фурна каде што се печело. Додека се печело, се мешало со една поголема лажица, наречена „гелебија". По печењето, семето се сеело со сито, а потоа се мелело со помош на воденички камен. Откако ќе се сомелело, од него се добивале четири тенеќии од по 14 кила таан. Понатаму добиената смеса се ставала во казан заедно со две тенеќии вода и се печела и постојано се мешала со помош на една дрвена лопата. По испарувањето на водата од казанот, во него се додавале уште две тенеќии таан и целата смеса се печела околу два часа. Откако шарлаганот ќе испливал на површината од казанот, тоа значело дека смесата е доволно подготвена. Понатаму уште врела, оваа смеса се ставала во дрвено буре со преса, која пак целата била обложена со јутена ткаенина. Под пресата се наоѓала дебела камена плоча која била целата избраздена. Со постепено стегање на пресата, во тенок млаз шарлаганот се слевал во една аранија која стоела под него. Шарлаганот се користел за исхрана на луѓето, додека ќуспето се употребувало како сточна храна.

Во богатата и долга историја на турската империја, законите од Куранот биле многу строго почитувани. Употребата на вино и други токсични течности биле строго забранети од државата. Опиумот пак, како средство за уживање не бил забранет, се додека ексцентричните ситуации од неговата употреба не довеле до негово целосно забранување.

 -Најмногу опиум како средство за уживање се користел, односно се употребувал, таму каде и што се произведувал. Тиквешкиот крај бил еден од најпознатите произведувачи на опиум во Македонија. Во почетокот правењето на ќеиф со уживањето на дрогата било привилегија на турското население, но со текот на времето неа почнале да ја користат и христијаните. Во кафеаните во Кавадарци започнал јавно да се продава опиумот за уживање, во вид на апчиња со печатот на „Машала", „дело на Господ", а исто така опиумот се продавал и во растурена состојба. Обично една доза опиум се мерела со помош на врвот на клин, или пак во количина која не била поголема од големината на едно зрно грашок. Кон крајот на деветнаесетиот век појавата на користењето на опиумот станувала се помасовна, особено од страна на турското население. За негова забрана и спречување биле испраќани посебни одредби од страна на султанот, со цел да се забрани неговата употреба и да се укаже на неговите трагични и смртоносни последици врз здравјето на луѓето, пренесе професорот.

Одгледувањето опиум во Авганистан се зголеми за 32 отсто во 2022 година откако талибанците ја презедоа власта, јави ДПА, повикувајќи се на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и кримин

Трговците ги затворале дуќаните за да берат катран

Историчарот  Камчевски посочува дека според Миливоје Савиќ, инспектор за стопанство во Министерството за стопанство на Владата на кралството Србија од 1914 година, покрај обработката на афионот, лозарството било една од главните култури за обработување кај земјоделското население во Кавадарци и кавадаречко.

 -Додека трае зимата занаетчиите работат на занаетот, меѓутоа преку летото и тие работат земјоделие, па дури и трговците во време на бербата на афионскиот катран ги затвораат дуќаните и одат на работа на полето. Оној кој нема сопствена земја закупува созреан афион за режење и ако не врне дожд за време на собирањето на катранот, може добро да заработи, вели Камчевски.

И Савиќ констатирал дека во Кавадарци годишно се произведувало триесет пати повеќе семе отколку катран. Според него, афионот најмногу и најдобро успевал на силна и смолникава земја со местоположба завртена кон Сонцето. Најквалитетниот катран се произведувал во околината на кавадаречкото село Дреново. На еден хектар се собирале просечно од 15 до 20 оки катран и афионско семе од 450 до 600 оки. Со семето се покривале трошоците за производство, а од катранот била  заработувачката. Обично се сеело секоја година на иста нива, само кај г.Јаков Цајзет, германски концесионер,  една година се сеело афион, а другата јачмен. Постојат податоци дека годишно тој заработувал по илјада турски лири од продажба на катран.

Како што забележал  инспекторот, на пазарот во Кавадарци годишно меѓу другото се изнесувале и од осум до триесет илјади килограми катран и од 250 до 400 илјади килограми афионско семе.

Низ годините, се има случено во Кавадарци, при уривање на стара куќа, да се најде заостанат катран. Еднаш, беа пронајдени околу 11 канти со топчиња катран. Беа дадени за потребите на фармацевтската индустрија. Кога е катранот во прашање, во Тиквешко можете да чуете, дека, онаа народната, роди ме мајко со к'смет и фрли ме на патот, некои ја заменуваат со изреката, роди ме мајко со к'смет, да најдам некоја топка катран по таванот, заостаната од претците.

Светлана Дарудова

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан