• понеделник, 23 декември 2024

Нетанјаху: Нема хуманитарна катастрофа во Рафа

Нетанјаху: Нема хуманитарна катастрофа во Рафа

Ерусалим, 15 мај 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска оцени дека Израел избегнал хуманитарна катастрофа во милионскиот палестински град Рафа, од која стравуваше меѓународната заедница.

Во тој град, кој стана сцена на израелска воена операција минатата недела, 1,4 милиони жители се засолниле, бегајќи од конфликтот во другите делови на Газа.

„Во овој момент речиси половина милион луѓе се евакуирани од борбената зона во Рафа. Хуманитарната катастрофа за која зборувавме не се случила и нема да се случи“, рече Нетанјаху, додавајќи дека израелските сили се борат низ Појасот Газа додека се евакуираат цивили и се исполнува обврската за задоволување на нивните хуманитарни потреби.

Според последното соопштение на Канцеларијата за хуманитарни прашања на ОН, околу 20 отсто од жителите на Газа повторно биле раселени минатата недела.

Како што се наведува, недостигот на гориво се заканува да го загрози продолжувањето на здравствените услуги, а дека ограничениот пристап до вода, како и лошите санитарни услови, меѓу другото, влијаат и на зголемувањето на заразните болести.

Нетанјаху денеска оцени дека нема смисла да се разговара за „денот потоа“ додека Хамас не биде уништен, по повикот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен за усвојување конкретен план.

„Спротивно од кажаното, ние со месеци на различни начини се обидуваме да најдеме решение за овој комплексен проблем. Некои обиди се кријат и тоа е добро. Тоа е дел од воените цели што ги дефиниравме и сме одлучни да ги постигнеме“, рече Нетанјаху, објаснувајќи дека е бесмислено да се зборува за „денот после“ додека Хамас е сè уште не е уништен. 

„Во секој случај, нема замена за воената победа. Единствената замена за победата е поразот. Мојата влада нема да се согласи со тоа“, изјави премиерот на Израел. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан