Нетанјаху ги отфрли како „апсурдни“ обвинувања во судењето за корупција
- Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска зазеде првпат сведочеше откако почна неговото судење за корупција пред повеќе од четири години, отфрлајќи ги, како што ги нарече, „апсурдните“ обвинувања против него.
Тел Авив, 10 декември 2024 (МИА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска првпат сведочеше откако почна неговото судење за корупција пред повеќе од четири години, отфрлајќи ги, како што ги нарече, „апсурдните“ обвинувања против него.
Рочиштето со тројца судии се одржа во подземна сала на Окружниот суд во Тел Авив, под раководство на судијката Ривка Фридман-Фелдман, откако беше преместена од Ерусалим поради безбедносни причини.
Нетанјаху е обвинет за измама, проневера и поткуп. Обвиненијата против него се во врска со тоа дека му дал привилегии на телекомуникацискиот гигант Безек додека бил министер за комуникации. Исто така, се вели дека прифаќал луксузни подароци од пријатели милијардери.
Израелскиот премиерот секогаш ги отфрлаше обвинувањата. На прес-конференција одржана синоќа Нетанјаху го нарече судењето „суров лов на вештерки“.
- Осум години чекам да ја претставам вистината. Осум години чекам да ги побијам еднаш за секогаш неверојатните и смешни обвинувања против мене, рече тој.
Демонстранти се собраа пред судот за да протестираат против премиерот и неговата политика. „Нема имунитет против корупција“, пишуваше на еден од транспарентите, јави ДПА.
Судот го одби барањето на адвокатите на Нетанјаху за подолго одложување на сведочењето поради војната во регионот.
Наместо тоа, судијата му дозволи на Нетанјаху да добива белешки со важни информации за политичките случувања за време на рочиштата.
Вкупно 12 министри во Кабинетот на Нетанјаху, исто така, побараа одложување на сведочењето на премиерот. Во судницата денеска беа присутни неколку министри.
Ова е првпат на актуелен премиер да му се суди во Израел. Судскиот спор би можел да трае уште неколку години.
Нетанјаху се очекува да сведочи три пати неделно околу два месеци. јт/
Фото: ЕПА