• четврток, 25 април 2024

Нема да се преиспитува членот од Законот за пензиско и инвалидско осигурување кој ја уредува највисоката пензија во државата

Нема да се преиспитува членот од Законот за пензиско и инвалидско осигурување кој ја уредува највисоката пензија во државата

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Уставниот суд ја запре постапката за оценување на уставност на членот 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што значи дека нема да се преиспитува уставноста на одредбата со која се утврдува највисоката пензија. 

-Судот утврди дека поведувањето на постапката на 11 мај 2021 година било засновано врз погрешна фактичка состојба и одлучи дека постапката за оценување на уставноста на оспорената одредба треба да се запре согласно членот 47 алинеја 3 од Деловникот, информира попладнево прес-службата на Уставниот суд. 

Како што појаснуваат, Уставниот суд ги имал предвид начелата на социјална праведност и генерациска солидарност утврдени со членот 3 од Законот, врз основа на коишто се остваруваат правата во случај на старост, инвалидност, смрт и телесно оштетување во првиот пензиски столб, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со Законот кој го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Судот, стои во соопштението, во повеќе предмети се произнел дека лимитирањето на највисокиот износ на пензијата, не може да се смета дека е прекумерно или неразумно, бидејќи и покрај ограничувањето, осигурениците на кои се однесува оваа одредба се пензионери со највисоки пензиски примања во земјата. 

-По однос на покренатото прашање за пропорционалност и сразмерност во иницијативата Судот ја зема предвид и содржината на членот 16 став 1 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, според кој највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите за примањата од работен однос од еден обврзник за пресметка и уплата на придонеси е износот од шеснаесет просечни плати. Над уплатата на оваа вредност повеќе не се уплатуваат придонеси. Исто така, Судот имаше предвид дека највисоката пензија, како и останатите, согласно оспорениот член 230 од Законот, повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии, што значи дека не е фиксна категорија и во зависност од економските движења е во постојано зголемување, соопшти Уставниот суд.

Содржината на оспорениот член 230 став 1 гласи: За осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80 проценти до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 52 став (1) на овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати. (2) Определената највисока пензија од ставот (1) на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии. 

Подносители на иницијативата се Зорка Златановиќ, Јадранка Мршиќ  и  Димитар Пејчиновски, сите од Скопје, преку полномошник Игор Спировски, адвокат од Скопје.лв/

 

 

--
 

Остани поврзан