• петок, 22 ноември 2024

На 1 октомври почнува со работа терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи

На 1 октомври почнува со работа терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи

Атина, 20 септември 2024 (МИА) – Комерцијалната работа на терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи преку кој низа земји, меѓу кои и Северна Македонија, ќе се снабдуваат со природен гас ќе започне на 1 октомври годинава, јави дописничката на МИА од Атина.

Извршниот директор на „Гастрејд“, компанијата-оператор на проектот, Костис Сифнеос, заедно со амбасадорите во Грција на земјите-членки на Европската унија и на Швајцарија и Норвешка го посетиле терминалот и како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, биле информирани за начинот на функционирање, за стратешките цели, како и за геополитичката важност.

-Само неколку дена нè делат од почетокот на комерцијалната работа на станицата закажан за 1 октомври, датум кој официјално ќе го означи влезот во нова ера за улогата на Александруполи и Грција во енергетската карта во Југоисточна и Централна Европа со важни можности за диверзификација на изворите на снабдување, особено по неодамнешниот договор во врска што се однесува на обврзување на една четвртина од капацитетот на терминалот од американската компанија „Venture Global LNG“, рекол Сифнеос, според АНА-МПА.

Посетата на амбасадорите била на иницијатива на унгарската амбасада во Атина, со оглед на тоа што Унгарија е актуелен претседавач со Европската Унија.

Од „Гастрејд“ на почетокот на месецов соопштија дека комерцијалното работење на терминалот доаѓа „по успешното завршување на сите тестови за пуштање во употреба“.

- Проектот ќе ја зајакне водечката улога на Грција во енергетиката и ќе придонесе за диверзификација на изворите на природен гас, енергетската безбедност и создавање на регионален трговски центар за гас во Југоисточна и Централна Европа. Проектот, исто така, ќе го поддржи проширувањето и ќе ја зајакне перспективата на иницијативата Вертикален коридор, соопштија од компанијата.

На средината на декември минатата година во Александруполи пристигна специјално адаптираниот танкер „Александруполис“, односно пловната единица за складирање и регасификација (FSRU) што воедно, во голема мера, го означи финализирањето на изградбата на регионалниот проект.

Пловната единица се очекува да испорачува природен гас до грчкиот преносен систем и од таму до крајните потрошувачи во Грција, Бугарија, Романија, Северна Македонија, Србија и понатаму до Молдавија и Украина на исток и Унгарија и Словачка на запад и да има максимален одржлив капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно.

Проектот е кофинансиран од средства на Европскиот фонд за регионален развој на Европската Унија преку Оперативната програма „Конкурентност, претприемништво и Иновации“ во рамките на НСРФ 2014-2020 година.

Во мај 2022 година во присуство на тогашните премиери на Северна Македонија, Грција, Бугарија, на претседателот на Србија, како и на претседателот на Европскиот совет во Александруполи се одржа свечена церемонија по повод започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG).

На крајот на март 2021 година, Северна Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, откако беа потпишани Меморандуми за соработка на АД ЕСМ и АД Национални енергетски ресурси со компании од Грција,

Тогаш, од тогашната македонска Влада соопштија дека „согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александруполи која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра“ и дека е предвидено учество и „со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал“. ср/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан