• недела, 22 декември 2024

На „Охридско лето“ концерт на македонските уметници Климент Тодороски на виолина и Марија Вршкова на пијано

На „Охридско лето“ концерт на македонските уметници Климент Тодороски на виолина и Марија Вршкова на пијано

Охрид, 8 август 2024 (МИА) – Музичката програма на годинешното 64. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со настап на македонски уметници, со целовечерен концерт на Климент Тодороски на виолина и Марија Вршкова на пијано.

Климент Тодороски е роден 1984 година во Охрид. Музичкото образование го започнува во Охрид и Битола, а го продолжува на националниот музички конзерваториум во Тулуз,Франција во класата на професор Благоја Димчевски сѐ до 2002 година. Дипломира на ФМУ Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко. Учесник е на семинари, концерти и натпревари во Словенија, Русија, Романија, Србија, Франција. Добитник е на повеќе државни и интернационални награди меѓу кои трета награда на натпреварот „Петар Коњовиќ” во Белград, втора награда на натпреварот „Корнелија Бронзети” во Романија и прва специјална награда на Меѓународниот натпревар „Охридски бисери”.

Како солист настапува со Македонската филхармонија, Камерниот и Симфонискиот оркестар при ФМУ во Скопје на „Охридско лето”, „Хераклејски вечери“… Учествувал во реализација на неколку проекти со еминентниот виолинист Јован Колунџија, Националниот камерен оркестар од Тулуз и Симфонискиот оркестар на „Capitole”. Во неговите позначајни настапи може да се вбројат и настапите со светски познатиот пијанист Симон Трпчески, на концертната турнеја низ Македонија (2007- 2008), Велигденскиот концерт- Скопје (2008) како и настапот во седиштето на Обединетите Нации, по покана на претседателот Срѓан Керим. Климент Тодороски е солист на концертот со кој диригира светското чудо од дете диригентот Илич Ривас на фестивалот „Скопско лето“ во 2009. Соработува со композиторот Марјан Неќак и ги снима виолинските соло делници за неколку продукции на балети и театарски претстави во Загреб, Марибор, Нови Сад и Скопје.

Климент Тодороски работи како концерт-мајстор во Националната опера и балет од 2009 година.

Марија Вршкова е родена во Битола, таму го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена „cum laude“, во класата на проф. Т. Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано.

Во текот на образованието е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзината најзначајна меѓународна награда е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија.

Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници, Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков,  во 2010 година, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во следните земји:  Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали кај нас, како „Охридско лето“, ДММ, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“. Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на Интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ во 2009 година, како и три награди „Виртуози“ за музички изведувач во 2013 година и две награди за камерен состав во 2015 и 2016 година.

Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ- Скопје.

На програмата на концертот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот се избрани дела на Григ, Римски-Корсаков и Фролов. аб/са/

Фото: Охридско лето

 

Остани поврзан