• петок, 22 ноември 2024

Најубавите љубовни песни од Балканот со Македонска филхармонија

Најубавите љубовни песни од Балканот со Македонска филхармонија

Скопје, 13 февруари 2023 (МИА) - Овој четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените. Концертот е насловен „Севда“, а како солисти ќе настапат Божо Вреќо, босанскиот „принц на севдахот“ како што го нарекува светската критика и српскиот пијанист Васил Хаџиманов, миленик на македонската публика, уметник кој го спојува џезот со традиција на балканското поднебје. 

На програмата се љубовни песни од Балканот, испеани од Тома Здравковиќ, Јадранка Стојаковиќ, Нина Спирова, Александар Сариевски, Шабан Бајрамовиќ, аранжирани за симфониски оркестар од Дијана Имери Илкоска, која, воедно ќе застане зад пултот и ќе го води оркестарот на Филхармонија низ ова несекојдневно музичко патување.

Божо Вреќо е босански пејач кој ги „оживеа“ севдалинките и ги однесе во сосема нов правец со специфичноста на својот глас. Неговите изведби седлабоки и емотивни, и самиот за себе вели дека е „човек кој животот го сфаќа на лирски, музички начин. Во неговиот музички свет чувствата се многу посилни од разумот. Светските медиуми го нарекуваат „икона на слободата, ангелски глас што ги гали душите и ги отвора срцата“. Од гласот на Божо Вреќо извираат длабоките емоции со кои секој може да се идентификува. Тој пее за љубовта, копнежот и разделбата, за тагата, меланхолијата и осаменоста. Секој отпеан стих е како исповед и препознавање на љубовта.

Васил Хаџиманов е џез пијанист, композитор и аранжер од Србија, со македонски корени, роден во Белград на 23 јуни 1973 година. Тој е син на познатите Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ. Истраен, сеприсутен, со бескрајна енергија и музикалност, Васил е алката која го поврзува српскиот џез со крајот на 20 и почетокот на 21 век. Тој е личност која во себе носи гени на бројни интерпретатори, чувари и носители на музичката традиција на Балканот.

Дијана Имери Илкоска е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност – Скопје каде дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев.

Уште во студентските денови, интензивно работи како асистент на маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми меѓу кои и фестивалите Охридско и Скопско Лето со Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија. Нејзиниот настап беше проследен од легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки кој упати бројни пофалби за младата диригентка. Во 2020 година остварува соработка со светски познатиот диригент – Маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија) кој за нејзе ќе каже: „Дијана Имери Илкоска е исклучителен талент и диригент кој може да ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации“, се навеува во соопштението од  Македонската филхармонија. дма/нд/

 

Остани поврзан